„Тополиното“ на Баро се појави во серијата „Сенки над Балканот“

615

Моите олдтајмери се користени во повеќе филмови, меѓу кои се: „Џипси меџик“, „Ослободување на Скопје“ и „Трето полувреме“. Последен пат дел од некоја филмска екипа бев за време на снимањето на второто продолжение на серијата „Сенки над Балканот“, каде што моето „топлино“ го возеше младиот глумец Јован Јовановиќ, вели Благоја Спасовски

„Сенки над Балканот“, една од најгледаните телевизиски серии во регионот, чие второ продолжение периодов го следиме на Македонската телевизија, во која настапуваат и македонските актери Тони Михајловски, Петар Арсовски и Ѕвездана Ангеловска, во 2016 година делумно се снимаше и во нашата земја.
Серијата е историски трилер со дејства што се одвиваат на почетокот на 20 век, главно во Белград, и опфаќа дел од историско-политичките случувања од тој период во Македонија. Снимањето на втората сезона се одвиваше на локации во Србија и во филмското студио „Баранда“, а во Македонија, во манастирот „Рождество на пресвета Богородица“ во селото Сливница, покрај Преспанско Езеро, во селото Буково, Битолско, и во околината на мариовското село Скочивир.
За да се долови целосно амбиентот во текот на снимањето се користени и олдтајмерите на познатиот македонски колекционер на стари возила Благоја Спасовски, попознат по својот прекар Баро.

– Досега моите олдтајмери се користени во повеќе македонски и регионални филмови, меѓу кои се „Џипси меџик“, „Ослободување на Скопје“ и „Трето полувреме“. Последен пат дел од некоја филмска екипа бев во 2016 година, кога се снимаше второто продолжение на серијата „Сенки над Балканот“. Тоа беа интересни десетина дена што ги минав во Сливница, каде моето „тополино“ од 1936 година го возеше младиот црногорски глумец Јован Јовановиќ, кој веќе е дипломиран актер, а тогаш беше студент на Академијата за драмски уметности во Белград. Тој ја играше улогата на Завиша, аѓутантот на Алимпие Мириќ (Гордан Кичиќ), главниот криминалец на тогашен Белград. Бидејќи е многу висок, Јован едвај влезе во „тополиното“, но на крајот сцената успешно беше снимена – се сеќава Благоја Спасовски.

И за Јован, возењето на малиот автомобил, стар речиси сто години, произведен во Торино, Италија, во 1936 година, било интересно, несекојдневно искуство.
– Мојот ангажман во серијата „Сенки над Балканот“, каде што имав епизодна улога, најмногу ќе го паметам по снимањето на финалната пресметка на имотот на Калуѓер, што се одвиваше во Македонија. Ми беше интересно да го возам малиот олдтајмер, во кој јас и Горан Кичиќ, едвај влеговме. Поради должината на моите нозе не можев многу да го вртам воланот, како ни да менувам брзини. Дополнителна отежнувачка околност беше тоа што возев меѓу луѓе што лежеа долу, бидејќи беа „убиени“ во претходната пресметка, но успеав да ја одиграм улогата и, за среќа, никој не настрада – се сеќава младиот глумец.

Баро е одушевен од неговата и од професионалноста, непосредноста и срдечноста на целата екипа, на чело со авторот и режисер на серијата Драган Бјелогрлиќ и неговиот брат Горан Бјелогрлиќ, кој е извршен продуцент на проектот.
– Младиот Јован, како што се шегуваа постарите глумци, положи глума во моето „тополино“, бидејќи тоа беше негов прв настап во некој филм. Инаку, со сите одлично соработував, и со нашите глумци Тони Михајловски и Петар Арсовски, но и со преостанатата екипа – вели овој вљубеник во своите долговечни миленици на четири тркала.

За време на снимањето на филмот „Ослободување на Скопје“, кое се одвивало во Битола, Велес и во Скопје, Благоја Спасовски дури се појавува во еден кадар како возач на својот „олдтајмер“.

– Имав чест да се запознаам и со Раде Шербеџија, па и самиот да учествувам во снимањето некои сцени. Пријатно ме изненади кога ми рече дека би сакал да го купи моето црвено „тополино“ како подарок за сопругата Ленка Удовички. Сепак, тоа не се случи и сѐ уште се на број сите мои олдтајмери – вели тој.

Возниот парк на Благоја Спасовски се состои од две „топлина“ од 1936 година, „мини-мерцедес“ од 1971 г., „пежо 604“ од 1980 г., „фијат нова 500“, претходница на популарното „фиќо“ од 1957 г., „101“ од 1976 г. и други. Сепак, најгорд е на своите „глувчиња“ („топлино“ на италијански значи глувче), кои, каде и да се појават, предизвикуваат огромно внимание и сите сакаат да се фотографираат со нив.