Топлотниот бран го откри шпанскиот Стонухенџ

161

Поради топлотниот бран, многу земји, меѓу кои и Шпанија, се справуваа со екстремни температури и суши. Но, топлотниот бран придонесе за повторно откривање на таканаречениот „шпански Стоунхенџ“, откако се намали нивото на водата во областа Екстремадура, во провинцијата Касересата.

Мегалитот на Гвадалперал, името што го носи локацијата, е стар над 7.000 години и со децении беше потопен под вода. Некои луѓе имаа чуено за него само од приказните на нивните прадедовци или од старите учебници.

Иако локацијата е тешко достапна, авантуристите и локалното население се надеваат дека ќе ја искористат приликата за посета, бидејќи врнежите наскоро можат пак да го потопат.

Мегалитот, направен на брегот на реката Тагус, натера дел од неговите посетители да се обидат и да го преместат од неговата локација. Ангел Кастано, жител на областа, е водач на група која се залага да ги премести камењата каде што нема да бидат повторно потопени.

– Ние пораснавме слушајќи легенди и приказни за локалитетот кој се наоѓа потонат во езерото, а сега конечно можеме да го видиме – изјави Кастано.

Иако по големина е помал од британскиот Стоунхенџ, овој локалитет, поради неговата сличност, го добил името шпански Стоунхенџ.

Кастано се надева дека шпанската федерална влада сериозно ќе го разгледа прашањето за релокација на античките камења. Во минатото, владата успеала да донесе струја и вода на локација каде што претходно недостасувале, но со тоа предизвикала релокација на гратчето кое се наоѓало таму. На тој начин го потонала мегалитскиот споменик, а на истото тоа место имало и остатоци од стар римски град.