„Тие се насекаде“ на „Смат“ ќе прозвучи на Денот на победата

401

Македонскиот металкор-бенд „Смат“, основоположник на овој стил во регионот, по точно пет години работа на новиот материјал, промотивно ќе го претстави пред јавноста своето петто студиско издание. Промоцијата ќе се одржи во просториите на „Пасворд плејс“, спроти италијанската амбасада во Скопје, со почеток во 20 часот токму на Денот на победата над фашизмот, 9 мај.

– Во изработката на овој албум влеговме со целото наше срце за да ја доловиме сликата на случувањата во светот, но најмногу во нашата земја. Ситуацијата во која се наоѓаме и сѐ уште нѐ следи скоро 30 години како темен облак, верувавме дека треба да биде запишана и да се зборува за неа. Песните го имаат тој мрачен тон како во мелодиите така и во текстовите, а ритамот е сведок на нашата упорност да преживееме во ова време-невреме. Тргнувајќи од таа идеја снимивме 10 песни, кои тематски се преплетуваа и поврзуваат една со друга. Насловот, кој наедно е и песна од албумот, е директна инспирација од бендот „Санаториум“ или поточно од песната „Град“. Всушност, „Тие се насекаде“ е дел од текстот на таа песна – велат момците од „Смат“.

Квалитетот на албумот, додаваат тие, се должи на големата поддршка од публиката.
– Продукциски сакавме да направиме чекор напред од нашиот претходен албум, но како да го направите тоа ако сте бенд од Македонија со буџет во тесни рамки? Со многу труд, жртва и нормално неизмерната поддршка од нашата публика, која со секоја купена маица и карта за концерт нѐ донесе до моментот да снимаме со продуцентот што работи со најголемите светски имиња во моментов – додаваат членовите на бендот.

Албумот „Тие се насекаде“ е снимен во „Поларити студио“, а за снимањето се погрижи Горан Ристевски, а микс и мастер беше изработен од номинираниот за „греми“ Ермин Хамидовиќ, добро познат на публиката по својата работа со бендовите „Перифери“, „Хантед“ и „Девин Таунсенд“. За оригиналниот изглед на обвивката се погрижи пријателот на „Смат“, Васил Васев од Бугарија, кој е долгогодишен соработник на бендот и секогаш го доловува визуелниот аспект на групата.

– Идејата зад насловната страница беше да се стават сите актери што се директно поврзани со целата приказна вклучувајќи го и главниот лик Мерлин, кој е заштитен знак на бендот повеќе од 10 години. Повеќето бендови од овој стил ставаат костури, демони како симболика, но ние сакавме да ги ставиме вистинските ликови на актерите и лицата што ни се познати. Доловувајќи го сето тоа во амбиентот од легендарната слика „Тајната вечера“ – вели Васил Васев.