Тивкото херојство на кралот Т’Чала ќе остане запаметено засекогаш

151

Актерот Чедвик Боусмен одглуми револуционерни улоги кои беа дел од историјата на Холивуд и Америка – сето тоа додека тој тивко водеше борба со карциномот што ненадејно му го одзеде животот на 43-годишна возраст, пренесува „Атлантик“.

Четиригодишната битка со карциномот значи дека Боусмен бил дијагностициран во 2016 година, годината кога дебитираше како кралот Т’Чала во филмот на „Капетан Америка: Граѓанска војна“, а оттогаш глумеше во „Маршал“, „Црниот пантер“, два филма од серијалот „Одмаздници“, „Дваесет и еден мост“, и претстојната адаптација на „Црно дно“. 

Неверојатно е тоа што Боусмен немаше значајна главна улога сѐ до средината на неговите 30-ти години, кога беше избран да ја глуми американската бејзбол легенда Џеки Робинсон во биографскиот филм „42“ на Брајан Хелгеланд од 2013 година. Единствената друга личност која претходно го глумеше Робинсон беше самиот Робинсон, а Боусмен практично беше непознат глумец кој ја одглуми улогата со леснотија и херојска воздржаност. 

Улогата на бејзбол легендата Џеки Робинсон беше прва голема филмска улога на Чадвик Боусмен

Потоа, Боусмен глумеше во уште две биографски остварувања, а предизвик му беа двајца Афроамериканци од колосална историска важност: музичарот Џејмс Браун во „Пат до врвот“ и иконата за граѓански права, Тургуд Маршал во филмот „Маршал“. Боусмен ја долови целата живописна енергија на пејачот Браун, самиот го изведуваше танцувањето во филмот, а исто така и дел од пеењето на песните. Боусмен во рок од една година глумеше еден од најпознатите американски спортисти на 20-тиот век и еден од најголеми пејачи. Овие улоги беа доволни тој да стане звучно име во филмсата индустрија. 

Откако „Марвел Студиос“ беа подготвени да го претстават „Црниот пантер“ како дел од нивниот универзум со суперхерои, беше очигледно дека само еден човек може да го носи костимот на Т’Чала, кралот на фиктивната африканска нација Ваканда, а истовремено да го исполни со голем авторитет и сила. Т’Чала е чувствителен и праведен воин кој храбро се бори со товарот да ја води неговата нација. Филмот не би бил успешен без вродената хуманост што Боусмен му ја даде на Т’Чала. 

Додека Боусмен водеше битка со рак на дебелото црево, тој продолжи да снима филмови, но и да ги посетува и инспирира болните деца. Детската болница „Сејнт Џуд“ во Тенеси објави на Твитер дека Боусмен бил во посета во 2018 година. 

– Длабоко жалиме за смртта на Чедвик Боусмен. Пред две години, тој го посети кампусот на болницата и со себе донесе не само играчки за нашите пациенти, туку и радост, храброст и надеж. Тој беше вистински борец и ни овозможи многу од филмовите што денес ги сакаме. Тој помина низ голем број операции и хемотерапија додека филмовите беа снимани – пишува во твитот на болницата.  

За време на снимањето на „Црниот пантер“, Боусмен во 2018 годин посети две смртно болни момчиња. Посетата им дала надеж на болните деца, но и на самиот Боусмен. Тие му рекле дека ќе се обидат да издржат против карциномот до премиерата на „Црниот пантер“. 

– Сфатив дека тие очекуваат нешто неверојатно. Се потсетив кога бев мал и нестрпливо го очекував мојот роденден, Божиќ или некоја видеоигра. Нивното очекување значеше многу за мене – изјави Боусмен за време на емотивното интервју објавено три дена пред премиерата на филмот.

За Боусмен, глумата не беше само негова кариера, туку и духовен повик. Тој своето културно наследство го канализираше и во филмови кои ја разбрануваа и хранеа неговата душа. Тој исто така беше поборник на движењето „Црните животи значат“, и  знаеше дека улогите што ги игра бараат ист вид посветеност и достоинство. Актерот знаеше дека не се претставува само себеси, туку ги претставува и надежите и аспирациите на една цела заедница на луѓе. 

За Афроамериканците ширум светот, со улогата на „Црниот пантер“, Боусмен се чинеше дека самостојно ги избриша вековните стереотипи кои беа присутни во поп-културата. Тој  докажа на Холивуд и на сите ширум светот дека може да се слави црн суперхерој, истовремено тој да биде сакан и да заработи над милијарда долари на боксофисот.

Кратката, но успешна филмска кариера на Боусмен која траеше седум години, како и легендарните ликови кои тој херојски, но скромно, ги донесе на големите екрани ќе бидат запаметени засекогаш и ќе бидат дел од наследството кое Боусмен му го остави на светот.