Техно

85

Нова вештачка кожа ќе им овозможи на роботите чувство на допир

Истражувачите низ светот се обидуваат да развијат вештачка кожа што ќе им овозможи на роботите да имаат чувство на допир, а една таква кожа е развиена во САД. Меѓу другото, роботите ќе можат да ги чувствуваат луѓето и евентуално нивната температура.

Професорот Џон Јанис Алоимонос од Универзитетот во Мериленд, од Одделот за компјутерски науки, за „Си-ен-би-си“ изјави дека вештачката кожа овозможува да ја согледаат својата околина со многу повеќе детали и чувствителност. Исто така, им помага да се движат посигурно кога работат во близина на луѓе и им дава можност да предвидат несреќи и активно да ги избегнуваат. Чувството за допир би можело да се комбинира со чувствата за вид и слух, за да им помогне на роботите да ги разберат невербалните знаци.

– Ние користиме тактилни повратни информации за да добиеме повеќе информации за нашето опкружување и да ги приспособиме нашите активности со примање континуирани информации од она што го допираме и со кое комуницираме – вели професорката Даниела Рус од Институтот за технологија во Масачусетс.