Техно

27

Продажбата на „Нинтендо“ порасна за повеќе од 400 отсто

И додека економијата на глобално ново наиде на големи проблеми, како резултат на пандемијата на коронавирусот, „Нинтендо“ испишува една сосема друга деловна приказна.
Компанијата објави дека постигнале рекорден квартал во однос на заработката. Оперативната добивка на „Нинтендо“ за изминатиот квартал, заклучно со јуни, изнесувала 1,37 милијарда долари, што е за 428 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година. Ваквиот успех во продажбата ги воодушеви аналитичарите, кои проценуваа двојно помала добивка, пишува „Си-ен-ен“.

Бизнис-резултатите покажале дека луѓето сè уште ја купуваат играчка конзола нинтендо-свич, иако се очекувало продажбата да падне по укинувањето на карантинот. Од април до крајот на јуни биле продадени околу 5,7 милиони конзоли, што е за 167 отсто повеќе од лани.
Овој успех првенствено може да ѝ се припише на играта „Премин на животни: нови хоризонти“ во која играчите, релаксирајќи се во идилата на измислен остров, ловат риби, инсекти и си играат со пријателите на плажа. Бројот на продадени игри започнал нагло да се зголемува со воведувањето на карантинот низ светот поради ковид-19. Само во последниот квартал биле продадени 10,6 милиони игри.