Техно

71

Елон Маск ќе произведе целосно автономно возило

Елон Маск, ексцентричниот сопственик на компанијата „Тесла“, изјави дека до крајот на годината производителот на електрични автомобили ќе произведе целосно автономно возило што ќе вози без возач.
– Сигурен сум дека многу скоро, уште оваа година, ќе стигнеме до петтата фаза на автономното возење, што во принцип е целосно независно возење – рече Маск во видеопораката по повод отворањето на Меѓународната конференција за вештачка интелигенција во Шангај.

Постојат пет групи автономни автомобили, во зависност од нивниот степен на автономија. Петтата фаза се целосно автономни автомобили што можат да возат без возач на кој било пат.
Автомобилите на „Тесла“ веќе се делумно автономни, но аналитичарите сметаат дека производството на целосно автономни возила наидува на значителни правни и регулаторни пречки.

Неодамна „Тесла“ достигна највисока вредност на берзата од сите компании во автомобилскиот сектор, надминувајќи ја „Тојота“, иако компанијата на Маск продава многу помалку автомобили од јапонскиот конкурент. Вредноста на „Тесла“ на њујоршката берза надмина 224 милијарди долари.