Технологија

130

Шведска забрани употреба на опрема од „Хуавеј“ и од ЗТЕ за 5Г

Шведска им забрани на кинеските телекомуникациски компании „Хуавеј“ и ЗТЕ да учествуваат во изградбата на 5Г-мрежата на нејзина територија поради безбедносни причини. Ваквиот потег доаѓа пред аукцијата за спектарот 5Г, кој треба да почне на 10 ноември.
Шведската управа за пошти и телекомуникации (ПТС) ги испитала пријавите и одобрила четири компании да учествуваат на аукциите од 3,5 гигахерци и 2,3 гигахерци. Според ПТС, новите инсталации за употреба во овие фреквентни опсези не смеат да се вршат на производи од доставувачи на „Хуавеј“ и ЗТЕ.
Управата во својата одлука навела дека производите на „Хуавеј“ и на ЗТЕ мора да бидат исфрлени од употреба најдоцна до 1 јануари 2025 година. Учесниците на аукцијата исто така биле предупредени дека мора постепено да ја прекинат зависноста од странски земји или да воведат функции или персонал со седиште во Шведска, пренесува „Раша тудеј“.
Овој потег на Шведска може да им користи на ривалите „Ериксон“ и „Нокиа“, а доаѓа во време на зголемен притисок врз европските земји од Вашингтон дека треба да се преиспита улогата на кинеските компании во нивните земји.
Неодамна шведската државна вселенска компанија објави дека нема да ги продолжи договорите со Кина или дека ќе прифати нов кинески бизнис, повикувајќи се на „промените во геополитиката“.