Теориите на заговор на Болсонаро го „изгореа“ и Ди Каприо

227
Леонардо ди Каприо во сцена од „Беше еднаш во... Холивуд“

За досега незабележаните пожари кои гореа во Амазонија во август, беа посочувани неколку виновници – фармерите кои ја расчистуваат земјата за да одгледуваат стока, активистите кои се обидуваа да ги избркаат локалните племиња што живеат во дождовната шума и невнимателните практики за заштита на животната средина спроведени од бразилската влада, пишува Кварц. Но сега, бразилскиот претседател Жаир Болсонаро го впери прстот кон еден неочекуван виновник, славниот американски актер и активист за заштита на животната средина Леонардо ди Каприо.

Во обид за оттргнување на вниманието од постапките на неговата власт, како што тврдат активистите, Болсонаро во повеќе наврати ги обвини непрофитните организации за намерно подметнување на пожарите во Амазонија, за да изнудат донации од богатите донатори како што е Ди Каприо, во тврдењето за кое не понуди докази. 

Минатата недела, полицијата уапси четворица волонтери на противпожарната бригада „Алтер до Чао“, обвинувајќи ги за подметнување на пожарите кои ја опустошија бразилската сојузна држава Пара во септември. Критичарите тврдат дека апсењето е политички мотивирано, откако судија одби да ги пушти обвинетите да се бранат од слобода со кауција.

Болсонаро ги подгреа гласините што кружеа на социјалните мрежи според кои невладината организација Светски фонд за природа ги откупила фотографиите од „Алтер до Чао“ за да бара донации од луѓе како Ди Каприо, обвинување кое и актерот и Фондот го негираа.

– Луѓето од невладината, што сторија тие? Што е полесно? Запалете ја грмушката. Сликајте фотографија и испратете ја на невладината, која ќе ја шири организирајќи кампања против Бразил. Таа ќе стапи во контакт со Ди Каприо и тој ќе донира 500 илјади долари на истата невладина – кажа Болсонаро во видео-обраќање на Фејсбук. 

Фондацијата на Ди Каприо ги финансира организациите и проектите кои го штитат дивиот свет од истребување, додека се грижат за враќање на рамнотежата на загрозените екосистеми и заедници. Фондацијата на Ди Каприо летоска соопшти дека ќе им парира на донациите на „Амазон фронтлајнс“, активистичката група која се залага за домородното население што живее во Амазонија. Но, како и многу други славни личности, Ди Каприо сподели застарени фотографии од пожарите, разгорувајќи ги теориите на заговор на социјалните медиуми.

Во изјава објавена на Инстаграм, Ди Каприо ги негираше обвинувањата на Болсонаро велејќи дека останува „посветен на поддржување на бразилските домородни заедници, локалните власти, научниците и јавноста кои неуморно работат за да ја сочуваат Амазонија за иднината на сите Бразилци“.