Тел Авив има одлична енергија и прекрасни луѓе

762

Тамара Тодевска, наша претставничка на „Евровизија“

Секојдневно добивам пораки од луѓе од Македонија и од Европа со благодарност за пораката на „Prоud“. Верувам дека секој од нас се пронаоѓа во неа. Ова не е феминистичка песна, ова е песна за животот и за сите предизвици во него, но и нашата моќ да ги надминеме, вели Тамара

Тамара Тодевска, нашата годинашна евровизиска претставничка, на 16 мај во Тел Авив, Израел, каде што ќе се одржи 64-то издание на овој престижен фестивал, за време на своите три минути на евровизиската сцена пред милионскиот аудиториум, на еден од најгледаните музички настани во светот, ќе ја пренесе пораката на „Prоud“, за која вели дека е песната на нејзиниот живот.

Стотици убави коментари можат да се прочитаат на Јутјуб, под песната „Proud“. Очекувавте ли дека песната ќе ги допре луѓето низ целиот свет со толку силен интензитет?
– Ќе бидам искрена, очекував, бидејќи и јас самата се наежив кога првпат ја слушнав. Помислив на мојата мајка, која секогаш била до мене и верувала во мене, дури и во моменти кога и јас не сум верувала во себе. Помислив на мојата ќерка Хана и светот во кој таа живее и светот во кој би сакала да живее. Помислив и на мојата сестра Тијана, и на сите жени и луѓе на кои им било кажано дека не се доволно добри, дека нема да успеат, но тие не се откажале и храбро продолжиле да чекорат и да работат на своите соништа. И сега, кога ја слушам песната ми доаѓаат солзи од среќа, од гордост. Искрено, мислам дека ова е песната на мојот живот. Секојдневно добивам пораки од луѓе од Македонија и од Европа со благодарност за пораката, за песната. Верувам дека секој од нас се пронаоѓа во неа. Ова не е феминистичка песна, ова е песна за животот и за сите предизвици во него, но и за нашата моќ да ги надминеме.

Неодамна бевте во Израел каде што снимавте евровизиска разгледница. Со каква енергија ве пречека градот, застанавте ли на евровизиската сцена, какви се вашите впечатоци од Тел Авив?
– Тел Авив има одлична енергија и прекрасни луѓе. Навистина се трудат околу целиот настан и верувам дека ова ќе биде една незаборавна „Евровизија“.
Композиторите Дарко Димитров, Лазар Цветковски и Роберт Билбилов со здружени сили создадоа песна по ваша мера, во што и самата учествувавте со свои сугестии.

Кога почувствувавте дека тоа е она што го барате?
– Оваа песна ја работевме тимски, а јас бев инволвирана во секој аспект на нејзиното креирање. Роберт ја започна приказната со неколку ноти, потоа заедно со Дарко и со Лазе ја доработивме и на крајот дојдоа Коста и Сања со текстот. И што да ви кажам, се ежев во секој сегмент од креирањето на песната. „Proud“ е доказ дека со тимска работа апсолутно сѐ е можно во животот.

Писателот Коста Петров, освен што е автор на емотивниот текст, е и пиар на тимот, ваш пријател и голема поддршка…
– Бескрајно сум му благодарна на Коста за енергијата, за советите и за тоа што е одличен пријател и човек на кој стопроцентно можам да му верувам. Верувам во една работа, ќе го дадеме максимумот. Со секоја клетка во нашите тела, сите ние веруваме во нашиот успех.

Ќе ни кажете ли во кратки црти како изгледа еден ваш ден, со што е исполнет и каде наоѓате сила и инспирација да издржите сѐ?
– Денот ми започнува со Хана и со Дарен, кои се моја неисцрпна инспирација. Бескрајно сум му благодарна и на мојот сопруг, кој е секогаш тука да ми помогне, особено во овие хаотични денови. Деновите ми поминуваат во проби, во консултации со мојот тим. Настапот е нашиот главен приоритет во моментов и сакаме сѐ да изгледа беспрекорно.

Огромната евровизиска сцена, барем досега, на нашите настапи била речиси празна поради недостигот од пари, дали годинава МРТ го одврза ќесето?
– Не станува збор за одврзување на ќесето туку за креирање вистински тим. Оваа година мислам дека го имаме најдобриот евровизиски тим составен од луѓе што се експерти во својата работа. Секој го работи тоа во што е најдобар, а тоа ми дава мене време да се фокусирам на тоа што треба да го направам – да испеам најдобро што можам. Сигурна сум дека ќе ве наежи настапот, како и песната. Тој ќе ја заокружи приказната што започна со мојата прва објава на социјалните мрежи, а продолжи со објавувањето на песната и спотот.

Слаба точка на нашите евровизиските настапи била гардеробата. Овој пат, го ангажиравте Александар Ношпал, задоволна ли сте од креацијата?
– Презадоволна, а Ношпал овој пат се надмина себеси.

Ќе ве придружуваат талентираните млади пејачи Антонија Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарвалиев, дали и тие се вклопија максимално во целата приказна?
– Тие се најпрекрасните луѓе на овој свет. Па таква енергија вие немате видено. Тие не само што се одлични придружни вокали туку имаат и една таква убава енергија што пеењето со нив е магично, навистина. Едвај чекаме да дојде првата проба на 7 мај. Исто така уживам максимално и на часовите по соло-пеење. Сакам сѐ да биде совршено. И ќе биде.

Дали жените што ги видовме во спотот, кој го режираше Чедо Поповски, се ваши истомисленички, идоли, инспирација?
– Уживавме сите во снимањето на спотот. Тоа се жени што ме инспирираат секојдневно, кои го живеат животот според свои правила, со кои сите треба да се гордееме.

Годинава има повеќе балади на „Евровизија“, ве плаши ли малку тој факт?
– Да, оваа година навистина има одлични песни и некако чувствувам дека секој артист е можен победник. Немам никаков страв и верувам во нашата песна. Ќе го дадеме максимумот.

Се појавија коментари дека постојано исти пејачи одат на „Евровизија“, ја нема онаа предевровизиска еуфорија, но нема ни озборувања, скандали… Следите ли што се објавува во медиумите?
– Искрено, не следам. Немам ни време за тоа. Се фокусирам на тоа што е важно во мојот живот. Тука е моето семејство, тука е мојот тим и мојата енергија е фокусирана на нив. Секогаш ќе има луѓе што ќе критикуваат и тоа е нивно право, јас верувам во она што го правам.

Што би ја прашале Мадона, која ќе биде гостинка на „Евровизија“, кога би имале можност?
– Па би ѝ кажала дека сум горда на неа, што и по 35 години кариера покажува дека жената може да прави апсолутно сѐ што сака, без разлика на годините.