Театарот за мене е живот во минијатура

598
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Драго ми е што Театарот за деца и млади е еден од покомпактните во земјата, ослободен од суета, го красат искреност и убава енергија. Можеби токму затоа ние сме еден од најнаградуваните театри во земјава. Во март нашиот колектив одбележува и голем јубилеј – 30 години постоење

Марија Ѓорѓијовска, прва дипломирана кукларка

Марија Ѓорѓијовска, уште од најрана возраст ја почувствувала магијата на театарот и на глумата. Била опчинета од Чарли Чаплин и, како што вели, сама со јагленче си цртала мустаќи, земала бастун и велелеа: „Јас сум Чарли Чаплин“. Подоцна правела претстави за своите дургари, со имитации, играње и пеење, но често и со своите кукли на кои сама им правела облека. Членувала и во хор, научила сама да свири на синтисајзер, одела на играорна и постојано извлекувала нешто ново од себе, барајќи можност да ги обедини сите свои таленти. Сепак, пресудно за неа е зачленувањето во аматерската театарска група „Чекори“, предводена од големиот ентузијаст Борe Ангеловски, кој, на некој начин ја насочил кон куклите и кон театарската сцена. Во 2009 година дипломира при НАТФИЗ „Крсто Сарафов“ во Софија, Бугарија, насока актерство за куклен театар,во класата на проф. Боњо Лунгов, каде е прогласена за првенец на генерацијата. Иако добила покана да остане,се враќа дома и три години работи како хонорарец во Театарот за деца и младинци во Скопје, чиј официјален член е од април 2012 година. Дел е од акетрската екипа во бројни претстави меѓу кои се: „Сон на летната ноќ“, со која дебитираше, „Бескрајни соништа“, „Алиса во земјата на чудата“, „Рекламна бајка“, „Волшебникот од Оз“, „Пипи Долгиот Чорап“, „Могли“, „Животинска фарма“, „Петар Пан“, „Грдото пајче“, „Мачорот во чизми“, „Тоби“ и последната „Јованче и Марика“. Од 2009 година е асистент на Магдалена Ризова – Черних во нејзиното детско драмско студио, а глумела во „Македонските народни приказни“ и во други телевизиски серии.

Какви се вашите сеќавања на Боро Ангеловски, кој го препозна кај вас талентот за глумење во куклен театар?
– Боро Ангеловски беше голем уметник, целосно посветен на театарот. Беше многу интересен човек и, се сеќавам, кога се сретнавме првпат, ми даде да прочитам еден текст, како еден вид аудиција, и веднаш ми даде да настапувам во две улоги. Всушност, кај Боро првпат се сретнав со куклите. Тој порано работел во Софија и веќе имаше направено и кукли за некои претстави. Првпат ракував со Мила, Миличка, кукла-гињол во претставата „Гуливер меѓу куклите“. Се сеќавам, ми рече: „Ти си создадена за ова, мора да продолжиш да се школуваш во Софија, бидејќи кај нас нема таква можност“. И го послушав. Мило ми е што по дипломирањето ја гледаше и мојата прва претстава во Театарот за деца и млади.

Какво е вашето искуство од студирањето на актерската државна академија во Софија?
– Пред да отидете на академијата, мора да го научите бугарскиот јазик, што го усовршував и во текот на студирањето. За приемниот испит со Боро смисливме приказна во која го оживеавме сонот на еден чистач, па за таа цел направив куклички од метлички и добро поминав. На Национална академија во Софија се бараше доста, бевме како во војска, а понекогаш спиевме само по неколку часа. Мојот професор Боњо Лунгов како педагог можеби беше премногу строг, но сега гледам зошто правел така, во секој момент да можеш да си креативен, 24 часа да си буден. Сепак, имаше моменти кога се прашував дали ќе успеам, но тогаш сфатив дека да си успешен треба да си цврст, упорен, да веруваш во себе.

Како станавте дел од тимот на Театарот за деца и млади?
– Дипломирав во 2009 година, а тогаш Лунгов во театарот ја подготвуваше претставата „Сон на летната ноќ“ и му предложил на тогашниот директор Чадиковски, јас да ја играм улогата на Елена, зашто ќе ми одговара поради мојот темперамент. И, ете, благодарение на него, ми се отворија вратите да влезам во театарот. Претставата убаво помина, имаше добри критики и за мојата улога. Потоа ми предложи директорот да глумам во „Малата сирена“, па во „Алиса…“. Во меѓувреме си ја зедов и дипломата, ја нострифицирав и бидејќи имав меѓународна стипендија, а бев прогласена за првенец на генерацијата. Ме прашаа дали сакам да останам во Софија, се замислив, ама, сепак, одлучив да останам во Скопје.

Дали професорот Боњо Лунгов се уште ви дава забелешки?
– Да, секако и, ги прифаќам. Го прифаќам и мислењето од постарите колеги, тие имаат големо искуство и добро владеат со куклите. Знаат да те насочат, да ти помогнат. Имаме одлична соработка.

Што претставува за вас театарот?
– За мене театарот е животот во минијатура. Драго ми е што Театарот за деца и млади е еден од покомпактните во земјата, ослободен од суета, го красат искреност и убава енергија. Можеби токму затоа ние сме еден од најнаградуваните театри во земјава. Во март нашиот колектив одбележува и голем јубилеј – 30 години постоење.

Дали со секоја претстава учите по нешто ново?
– Има секогаш нешто интересно да се научи и да се види. Ако играте актерска претстава, се гледа вашата експресија на лицето. А на куклата треба да ѝ дадеш душа, да го натерате гледачот да ѝ верува. Таа со ваша помош се движи, зборува, размислува, па дури може и да лета. За мене тоа е голем предизвик, ја развива фантазијата, враќа во детството и го буди во сите нас вечното дете.

Дали децата навистина се најискрената публика?
– Секако, или им се допаѓаш или не. Можеби некогаш доаѓаш болен или нерасположен, ама децата чувствуваат, здодевен си им, реагираат. Тие се многу активни, учествуваат во самата претстава, се идентификуваат со ликовите. Тука учат за доброто и злото од мали нозе. Кога ќе ја победиме вештерката во „Јованче и Марика“, тие скокаат од седиште и викаат од радост. Убаво се чувствувам кога ќе ги видам децата како насмеани по претстава си одат дома, сакаат да се фотографираат со мене, да ме прегрнат, кога добивам мали но искрени подароци. Сето тоа ми го полни срцето.

Како прв дипломиран куклар во земјава дали им го пренесувате знаењето и на други?
– Бидејќи кај нас нема школа за кукларство јас и сите во театарот сме тука да им помогнеме на помладите колеги, но, како и во себе друго, најважна од сѐ е љубовта за она што го правите.