„Тауер бриџ“ наполни 125 години

35

Три моста склопени во еден, движечки, висечки и носив – вака го опишуваат „Тауер бриџ“ во Лондон.

Бајковитото ремек-дело, кое личи на дворец, било само едно од 50 предложени решенија за изградба на нов мост што му бил неопходен на Лондон, на реката Темза, но морал да овозможи големите бродови и понатаму да пловат и поминуваат низ Темза во најфреквентната светска порта.

– Имаше и фасцинантни и смешни, како и многу креативни идеи. Беа понудени спирални патишта од двете страни на реката, кои се спојуваат со еден голем мост.

Еден дизајн, кој беше навистина конкурентен, предвидуваше висок мост со долга пристапна сообраќајница – вели денешниот управник на „Тауер бриџ“, Крис Ерли.

Инженерот Џон Вулф Бери и архитектот Хорас Џоунс биле победничкиот тим што понудил најпримамлив дизајн со мост што се отвора на средината.

Мостот се градел осум години, а бил отворен на 30 јуни 1894 година од кралот Едвард Седми и кралицата Александра.

Неговата изградба чинела 1,6 милион тогашни фунти, или 200 милиони фунти во денешна вредност.

Критичарите го напаѓале, пишувале дека мостот е неамбициозна имитација во викторијански стил, но, и покрај сѐ, за брзо време станал обожавана знаменитост.

Во првата година мостот е подигнат над 6.000 пати. Денес, кога погонот е на струја, се отвора 850 пати годишно, најчесто за туристичките бродови, кои за поминување низ мостот мора да ги информираат службите 24 часа претходно. Висок е 65 метри, а долг 244 метри. Преку него дневно поминуваат 40.000 пешаци и над 20.000 возила.
– И ден-денес не постои слично нешто во светот. Тоа се три моста вклучени во еден висечки, движечки и носив – вели Ерли.