„Таксират“ во топ 10 најдобри европски фестивали

32

По вторпат во последните 10 години фестивалот „Таксират“ е избран за еден од 10-те најдобри фестивали во Европа кои се одржуваат во затворен простор.

Преку 350.000 фанови ширум светот гласаа за своите фаворити, а годинава „Таксират“ е повторно меѓу првите десет во категоријата „Најдобар фестивал во затворен простор“ (Best Indoor Festival). Овој избор е организиран од страна на Европските награди за фестивали (European Festival Awards).

Заедно со „Таксират“ во најдобри 10 се и фестивалите: Blues in Hell (Норвешка), FOCUS Wales (Велс), Hamburg Metal Dayz (Германија), Let it Roll Winter (Чешка), MENT Ljubljana (Словенија), Mithra Jazz à Liège (Белгија), Prognosis Festival (Холандија), Reeperbahn Festival (Германија) и Sudwave – Festival & Convention (Италија). Наградите ќе бидат доделени на свечената церемонија во Гронинген, Холандија, на 15 јануари, која се одржува во рамки на конференцијата Eurosonic Noorderslag.

Годинава „Таксират“ се одржа од 28 ноември до 8 декември и за време на осумте фестивалски дена настапија над 70 музички групи од 20 земји од светот и имаше повеќе од 15.000 посетители.