„Суперхикс“ со спот ја претставува новата песна „Ана“

80

Групата „Суперхикс“, која минатата година прослави 25 години успешна кариера, со многу настапи и концерти, со исто темпо ја продолжува и оваа година. Деновиве тие со интересна видеоприказна ја претставија својата најнова песна „Ана“, за која музиката ја напишаа: Петар Младеновски, Борис Минов и Дарко Попов, кој е автор и на текстот, а аранжманот е на сите членови на „Банда инструментале“. Песната е снимена во студиото „Тралала“ на Мите Димовски.

За реализацијата на спотот беше ангажирана голема креативна екипа, а по неговото финализирање сите беа задоволни од крајниот резултат, иновативно и необично видео, во кое убавата Ана (Сара Анастасовска) ги оживува восочните фигури во еден излог, заборавени и прекриени со пајажина, а погодувате тоа се членовите на „Суперхикс“.

Членовите на групата, кои се автори на целиот концепт за спотот, порачуваат дека секој треба да си има една „Ана“, која ќе го оживее и ќе му даде желба за творење.
Инаку, спотот го режираше и го монтираше Благоја Неделковски, продукцијата е на „Фокус покус филмс“, а сценографијата е на Вања Бартлинг. За костимите беше задолжена Жаклина Крстевска, а шминката, која ги долови восочните лица на членовите на „Суперхикс“, е на Златица Поповска.