„Сторор“ – екстремниот паркур-тим кој го привлече вниманието на Холивуд

134

Скокањето помеѓу високи згради, спуштање од карпите и низ покривите се вообичаени за паркур-групата „Сторор“. Седуммината Британци кои го посветија животот на специјализирање во паркур направија видео кое достигна гледаност од неверојатни 600 милиони прегледи на Јутуб, а со тоа го привлекоа и вниманието на Холивуд, пренесува Си-ен-ен. 

„Стoрор“ годинава ја прослави својата 10-годишнина. Формирани на 10 октомври 2010 година, тие имааат снимано насекаде низ светот, од Сеул до Мадрид (кој им е омилена дестинација), но со пристигањето на ковид-пандемијата, мораа да се навикнат на промени. Наместо да снимаат во Непал, членовите на групата снимаат видеа во близина на нивните домови. 

 

БидејЌи живеат во различни градови, тие снимаат додека тренираат, а потоа заеднички, секој од својот дом, ги склопуваат видеата. Но, креирањето содржина за нивните обожаватели, додека не ги кршат правилата за изолација, за нив е доволно.

– Мислам дека ова е дел од созревањето и разбирањето на одговорноста од нашите одлуки и постапки. Ние сметаме дека мерките за изолација се сериозна работа – вели Дру Тејлор, професионален паркур-спортист и член на групата „Сторор“. 

За да се усоврши паркур, потребни се години на тренинг, а во меѓувреме, групата во која членуваат Тејлор, Тоби Сегар, Саха Пауел, Џошуа Барнет Блејк, Калум Пауел и основачите, Макс и Пејџ Кејв, исто така, членуваат и во работилници за заштита на бегалци.

– Мислам дека повеќето од нас можат да се согласат дека ги надминавме дури и  најголемите очекувања кои ги имавме кога бевме мали деца – вели Тејлор.

Минатата година групата работеше на сет на холивудски филм, откако беа поканети од наградуваниот холивудски режисер Мајкл Беј, режисер на трилогијата „Трансформерс“ и филмовите „Лоши момчиња“,  да помогне во снимањето на „Шест под земја“, неговиот „Нетфликс“ филм во кој глумат Рајан Рејнолдс и Дејв Франко.

Групата имаше комплетна слобода за давање совети на камерманите за време на снимањето, а исто така учествуваа и како каскадери. За време на снимањето, тие исто така изведуваа акробации на познати места, како што е катедралата во Фиренца, а ги тренираа и подучуваа другите актери во основите на паркур.

– Да се работи на холивудски филм беше доказ дека се движиме во вистинската насока. „Скокнавме“ навистина многу чекори, во смисол на начините на кои тие снимаат. Беше навистина неверојатно искуство. Имавме контрола на снимањето на сцените и над одредени елементи за време на снимањето на овој филм. Беше одлично искуство за целиот тим – вели Сегар. 

 

Но, при подготовка на неверојатните видеа се тестира лимитот до кој можат да одат, а тоа честопати има последици. Сегар, кој беше победник натпреварот за „Нинџа Воин на Велика Британија“ во 2015 година, објаснува дека досега има скршено четири предни заби и клучна коска, а Тејлор го скршил глуждот.

– Претпоставувам дека затоа сè уште тренираме паркур после 14 години, затоа што ваквите повреди се случуваат толку ретко. Ризикот вреди во споредба со наградата која ја добиваме и колку вежбањето ги има подобрено нашите животи. Тука секако спаѓаат и пријателите со кои сме се стекнале за време на авантурите – објаснува Тејлор.

Чувството на награда и достигнување што ги добивате од вежбањето паркур, според Тејлор, е неспоредливо со ризикот кој го преземаат. 

– Некои луѓе ги кршат зглобовите или рацете кога се пијани за време на викендите, така што, никогаш не сте целосно безбедни. Доколку еднаш скршам зглоб во 14 години, тоа е ризик кој сум подготвен да го преземам – заклучува Тејлор.