Стивен Кинг шокира со својот коментар за „оскарите“

1548

Познатиот писател Стивен Кинг предизвика лавина реакции кога на Твитер напиша дека за време на гласањето за „оскарите“, како член на Американската филмска академија, не внимава на расната и родова разноликост, туку само на квалитетот.

Годинашните номинации за „оскар“, но и доделувањето на наградите „бафта“, предизвикаа бура во јавноста поради недостигот од расна и родова различност. Така, за „оскар“ во категоријата за најдобар режисер се номинирани само мажи, а од сите главни и споредни глумци и глумици, само една е од црната раса. За време на свеченоста на објавата на номинациите, водителката Иса Реј дури и се пошегува додека ги читаше номинираните во категоријата за најдобар режисер: „Честитки до сите тие мажи“, рече таа.

Стивен Кинг, легендарниот писател и член на Американската академија на филмски уметности и науки, на Твитер изнесе контроверзно мислење и така ги подели обожавателите.

„Никогаш не размислувам за разноликоста кога се работи за уметноста. Само за квалитетот. Ми се чини дека сѐ друго би било погрешно“, напиша Кинг за својот процес на гласање во трите категории за кои смее да номинира филмови: за најдобар филм, за адаптирано и за оригинално сценарио.

Против него се кренаа режисерката Ава Ду Вернај и писателката Роксен Геј, како и поранешната советничка на Обама, Британи Пакнет Канингам. Нивната главна критика е дека вкусот и квалитетот се субјективни, па традиционалниот „бел“ наратив и стил и натаму ќе се сметаат за единствено квалитетни ако не ги прошириме своите хоризонти.