Средношколците ги уриваат стереотипите за различните култури

212

Идејата на проектот „Сите сме различни, сите заедно сме Европа“, поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Македонија во рамките на програмата „Еразмус+“, кој е во завршна фаза, е учениците да се запознаат со различните култури на партнер-земјите и наместо да ја претставуваат својата култура, преку истражувања и дружење да ги претставуваат другите култури

Проектот „Сите сме различни, сите заедно сме Европа“, поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на Македонија во рамките на програмата „Еразмус+“, е во завршна фаза. Активностите се одвиваа од септември 2017 година и ќе траат до овој септември, а во овој период ученици и професори од средното економско правно училиште „Васил Антевски-Дрен“, заедно со уште четири партнер-училишта од Турција, Шпанија, Португалија и Латвија, учествуваше во програмата.

– Идејата на проектот е учениците да се запознаат со различните култури на партнер-земјите и наместо да ја претставуваат својата култура, преку истражувања и дружење да ги претставуваат другите култури, односно да го продлабочуваат знаењето за нив. Таа се реализира преку соработка и знаење да се осознаат разликите, но и преку работи на антидискриминацијата и рушење на стереотипите на различните култури. Со проектот се предвидени многу интересни активности, во кои учествуваат ученици и професори од нашето училиште. Учениците имаа можност да посетат многу креативни работилници, предавања и дебати во врска со темата на различностите – вели координаторката на проектот од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, Ива Стојановска-Јакимовски.

Во тимот наставници беа вклучени: Соња Панева, Кристијан Стојановски, Александар Мијоски, Викторија Постолова и Јасна Трајаноска.

Во текот на мобилностите што се остварија во секоја од земјите-учеснички беа организирани различни активности. На пример, во Македонија се приготвуваше традиционална храна и беше изработен готвач на традиционални јадења од секоја земја. Во Шпанија беше организирано музичко шоу каде што учениците ја претставуваа својата музика и изработија заедничко цеде со песни од секоја земја. Во Португалија се одржа фотонатпревар на кој беа прикажувани слики од историски значајни објекти во секоја од земјите. Во Латвија се одржа ревија на традиционални танци и костими, а во Турција беше изработена сложувалка на која се претставени заштитени места на УНЕСКО од секоја од земјите-учеснички.

– За подобрување на јазичните вештини и кај учениците и кај професорите секоја од земјите изработи речници со најупотребуваните изрази во секојдневието на својот јазик, кои беа преведени на англиски јазик. Преку овие и други активности се отворија можност за дијалог помеѓу различни европски култури од различни националности. Преку дијалогот се основаат пријателства, кои во иднина ќе водат кон намалување на расизмот и дискриминација на различните културите. Крајната цел на проектот е зголемување на културолошката свесност кај младата популација – вели Стојановска-Јакимовски.

Во сите овие активности беа вклучени ученици, поддржани од своите професори. Активностите ги продлабочија нивните знаења и преку лично искуство тие се доближија до европските култури и начинот на живот. Активностите, од друга страна, им овозможија на учениците да го покажат и надградат својот талент. Во проектот на мобилностите беа вклучени 13 ученици и 5 професори, додека, пак, во самите проектни активности беа вклучени повеќе од 50 ученици. Официјален јазик е англискиот, но за унапредување на другите јазици се користат и јазиците од сите партнер-земји вклучени во проектот. Првата мобилност на ученици и професори од партнер-земјите се одржа во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ во Скопје во февруари минатата година, кога гостуваа ученици и наставници од училишта од Шпанија, Португалија и од Турција. Завршен настан на целата посета беше изложбата на традиционална храна на Македонија приготвена од учениците-домаќини и нивните гости-ученици.

– Исто така, при гостувањата учениците и наставниците се сретнуваа со градоначалниците на градовите од каде што се училиштата (Скопје, Аликанте, Сивас, Коура, Рига). На тие средби се претставуваа сопствената земја и град, образовниот систем, се зборуваше за целите на проектот, бенефициите од размените и очекуваните резултати – додава координаторката на проектот.