Спомен-биста на Михајло Пупин, таткото на глобализацијата

396
Пупиновата куќа во Вевчани

Бистата е донација од фондацијата „Младен Селак“ од Србија, а ќе биде откриена денеска во 11 часот, во центарот на Вевчани

Веле Митаноски

Во центарот на Вевчани, денеска, во 11 часот, ќе биде свечено откриена спомен-биста на истакнатиот светски научник, таткото на глобализацијата, Михајло Пупин-Идворски (1858-1935). Организатор на настанот е општината Вевчани, а како повод е искористено одржувањето на верскиот празник Преображение, по нивно – Пображење, за кој од земјата и од светот, велат дека допатувале околу 500 фолклористи на истоимениот фестивал.

– Вевчани и вевчанци не би биле тоа што се, не би имале зачувано културно-историско минато и институции од образованието, науката, фолклорот и другите дејности, доколку не се однесуваат со почит и пиетет кон своите славни предци. Несомнено, тука, во прв ред, спаѓа Михајло Пупин, роден во Идвор, Војводина, но со корени од Вевчани. Тука има маало Пупиној, тука е отворена Пупинова куќа, постојано ги продлабочуваме врските со неговото родно село, но и со научните институции од Србија. Несомнена потврда на тоа е и фактот што бистата е донација од фондацијата „Младен Селак“ од Србија. Со спомен-бистата, се заокружуваат таа славна приказна и пиететот што вевчанци го негуваат кон Михајло Пупин, еден од најголемите умови на цивилизацијата, воопшто, научникот што се смета, и тоа со право, за татко на глобализацијата – напоменува градоначалникот на Вевчани Сашо Јанкоски.

Вевчанци, во 2008 година, го реконструираа Спомен-домот на Пупинови. Семејната куќа во која живееле предците на научникот е изградена во средината на 19 век.
Подоцна во Вевчани беше конституирана Академијата на убавите уметности – Вевчани, како уметничка институција што ќе иницира, поттикнува и поддржува развој на вевчанската уметност и креативност.

Замислено беше да работи на унапредувањето на традициите и културата историјата и литературата, сликарството, скулптурата, а беа формирани посебни одделенија за информатика, нови технологии и медицина, за архитектура и градителство, како и за театарска и драмска уметност.

Поддршка дадоа тогашните претседатели на Македонската и на Српската академија на науките и уметностите, академиците Владо Камбовски и Никола Хајдин, кои неколку дена престојуваа во Спомен-домот на Пупинови.

Академиците, заедно со истакнати претставници од македонскиот културен, историски и научен живот, одржаа и тркалезна маса, посветена на великанот во областа на физиката и електрониката, Михајло Пупин.