Споменик во чест на првиот глечер што ќе исчезне во Исланд

79

На местото на глечерот Окџокул во Исланд, следниот месец ќе биде подигнат споменик за да се одбележи истиот, кој ќе стане првиот во нордиската земја што ќе го изгуби својот статус на глечер.

Експертите очекуваат дека во текот на следните 200 години 400 исландски глечери ќе исчезнат, вклучувајќи го и најголемиот во земјата, Ватна.

Научниците пред пет години објавија дека глечерот Окџокул станал премногу тенок, но дури следниот месец таму ќе биде поставена плакета.

На неа ќе пишува: „Во следните 200 години сите наши глечери се очекува да го следат истиот пат. Овој споменик служи за да признаеме дека знаеме што се случува и што треба да се направи. Само вие знаете дали го сторивме тоа“.

Стопениот глечер беше предмет на документарен филм од 2018 година наречен „Не е во ред“, продуциран од антрополозите на универзитетот „Рајс“, Симен Хоу и Доминик Бојер.

– Ова ќе биде прв споменик на глечер изгубен поради климатските промени каде било во светот. Со тоа што ќе го одбележиме губењето на Окџокул, се надеваме дека ќе го привлечеме вниманието кон она што се губи кога се топат глечерите на Земјата. Овие ледени тела се најголемите резервоари за слатководни води на планетата, а во нив се замрзнати истории на атмосферата – рече Хоу.

Хоу додаде дека глечерите, исто така, честопати се и важни културни форми полни со значење.

– Со овој споменик тие сакаат да истакнат дека на нас, живите, останува колективно да одговориме на брзото губење на глечерите и тековните влијанија од климатските промени. За глечерот Окџокул веќе е доцна – истакна Хоу.