„Спејс екс“ до 2022 г. планира да испрати туристи во вселената

57

Компаниите „Спејс екс“ и „Спејс адвенчрс“ потпишаа договор за туризам за испраќање четворица патници во Земјината орбита до 2022 година, со вселенското летало „Кру драгон“, кое прво треба да ги одведе астронаутите на НАСА во Меѓународната вселенска станица за неколку месеци. Во леталото може да се сместат седум астронаути и тоа е поврзано со ракетата Фалкон 9. Компанијата „Спејс адвенчрс“ навела дека трошоците за оваа мисија нема да бидат откриени и не се знае низ какви подготовки ќе треба да поминат туристите пред да отпатуваат во вселената, пишува порталот „Верџ“. Од двете компании соопштија дека туристите ќе летаат со вселенското летало „Драгон“ на „Спејс екс“ и ќе орбитираат околу Земјата два до три пати на височина поголема од 250 милји.

„Спејс екс“ веќе неколку години ја тестира новата верзија на вселенското летало „Драгон“, како дел од договорот со НАСА за транспорт на астронаути до Меѓународната вселенска станица и назад, откако претходно подолг временски период се користеше за превоз на товар до вселенската станица. Оваа компанија неодамна го спроведе вториот голем тест-лет на леталото „Драгон“, а се покажа дека оваа капсула има можност да избегне експлодирачка ракета.

Леталата на „Кру драгон“ би требало некаде од 2021 година да почнат со превезување вселенски туристи за „Спејс адвенчрс“, која досега однесе седум туристи до Меѓународната вселенска станица и назад, користејќи го вселенското летало „Сојуз“ и руска ракета. Како што истакнаа од компанијата, вселенските туристи ќе можат да ја видат Земјата на еден сосема поинаков начин, како што тоа не му успеа на никој од вселенската програма „Гемини“ од 1965 и 1966 година. „Гемини“ беше втората програма НАСА за вселенски летови со човечки екипаж.