Специфичната исхрана е важен дел од успесите на Ѓоковиќ

638

Новак Ѓоковиќ вчера ја освои петата титула на најпрестижниот гранслем турнир Вимблодон, во најдолгото финале на историјата на натпреварувањето на тревните терени во „Ол Игланд“ клубот. Ѓоковиќ (32) и финалистот Роже Федерер (37) играа четири часа и 57 минути, во еден од најнеизвесните, но и најисцрпувачките натпревари во последните години.

Многумина се прашуваа како Србинот успеа да ја одржи концентрацијата и во клучните минути на натпреварот да биде најдобар што може, а медиумите шпекулираат дека клучен дел од неговиоте успеси е исхраната базирана на растенија, констатираат од „Јуроњуз ливинг“.

Само неколку дена пред овогодинешното финале на Вимблдон, Ѓоковиќ рече дека специфичната исхрана фокусирана само на растенија е неговата тајна за брзо опоравување од повреди. Тој неодамна на една прес-конференција пак, потенцираше дека здравјето го одржува преку добра исхрана, но не се нарекува себеси веган.

– Јадам храна подготвена само од растенија. Не сакам етикетирања и не можам да се наречам веган. Овој тип на диета го одржувам веќе неколку години и тоа е една од причините поради кои брзо се опоравувам. Веќе ги немам алергиите кои претходно ги имав – кажа Србинот.

Во суштина, веганизмот и јадењето на храна од растенија се многу слични. И двата типа на исхрана вклучуваат елиминација на сите видови на животниски продукти во диетата, како што се месо, риба, јајца, млечни производи и желатин. Овој тип на исхрана во голема мера се потпира на внесување овошје, зеленчук, мешунки, зрна и семки.

Разликата меѓу веганизмот и внесувањето на храна од растенија, е тоа што во вториот тип на исхрана не се внесува преработена храна, туку растенијата се јадат во оригиналната форма, завршуваат од „Јуроњуз ливинг“.