Со „Синиот воз“ на Тито ќе може да се возат и обични патници

397

Во библиотеката во кабинетот на Тито има книги од Ленин, Давичо, Крлежа, но и збирка со македонска поезија

Најпознатата композиција на некогашните Југословенски железници, „Синиот воз“, сега под закрила на фирмата „Србија воз“, од скоро своите раскошни вагони ги отвори за обичните патници. Првото патување, насловено „Со Синиот воз до Ужичка Република“, се случи неодамна.
Сите патници можеа да го погледнат раскошот со стил, автентично сведоштво за хедонизмот на претседателот на некогашна Југославија, Јосип Броз-Тито. Инаку, од 2005 година овој воз, направен во 1959 г., е во комерцијална употреба и може да се изнајми за убава сума пари, во зависност од тоа до која дестинација се патува. На „Синиот воз“ не можат да му одолеат Британците, па некои богаташи дури се венчаваат во него, прославуваат родендени или јубилеи на своите компании. Исто така, еден јапонски милијардер го закупил и со него отпатувал за Црна Гора, а потоа назад за Белград.
Патниците што сакаа да ѕирнат во историјата и да погледнат како живеел маршалот за време на патувањата можеа да влезат во конференциската сала, во апартманите на Тито и на Јованка Броз, во неговиот работен кабинет, во трпезаријата…

Глувата соба чува многу тајни

Во глувата соба и денес нема дострел за мобилни телефони или за вајфај-мрежа. Велат дека нејзините ѕидови се пресвлечени со ситен прав од месинг, кој го впива звукот, па, така, разгорите што Тито ги водел со своите соработници или со светските државници (шеесетина се возеле со „Синиот воз“) засекогаш останале тајна. На подот на собата на Јованка сѐ уште се наоѓаат оригиналните волнени килими, ѕидовите се обложени со фина кинеска свила, а завесите се комбинација на свила и сатен. Слична е и Титовата соба. Ги дели заедничка бања. Кај него завесите се сиво-маслинести, бидејќи тој беше и врховен командант на СФРЈ. Креветите како да се вчера наместени за најпознатата брачна двојка на некогашна Југославија.
Внатрешноста на возот била од махагони, од дрво на крушка и орев, богато декорирано, а секаде каде што можело бил втиснат грбот на СФР Југославија.
На работното биро сѐ уште стои голем кристален пепелник со томпус, кој потсетува на неговите цигари. Во библиотеката се наоѓаат собраните дела на Ленин, книги на Оскар Давичо и Крлежа, но и збирка со македонска поезија.
Во шкафот е скриен и сеф, каде што Тито чувал важни документи, а на масата има телефон, претходница на сегашните мобилни телефони, со кој преку радиоврска во секој момент можел да разговара со сите што му биле потребни.

Тука е и Титовата фотелја, а има и книгата со впечатоци напишани на разни јазици.
Во овој воз беше и последното патување на Тито, во мај 1980 година, кога ковчегот со неговите посмртни останки од Љубљана бил донесен во Белград.
Со оваа подвижна резиденција Тито поминал повеќе од 600.000 километри и, заедно со бродот „Галеб“, возот му бил најомиленото превозно средство. Композицијата сега ја сочинуваат седум вагони – пет за патниците и два за да има возот енергетска автономија.
„Синиот воз“ е паркиран во 1989 година, а повторно е на пругите од пред 15 години, кога почнало неговото изнајмување од европските богаташи. Од скоро со него може да се возат и обични луѓе, преку организирани туристички тури.

Апартмани за Де Гол и за Елизабета Втора

Интересно е дека во возот има и апартман за познатиот француски државник Шарл де Гол, во кој тој никогаш не престојувал, бидејќи се воспоставило дека во воената академија каде што се школувал бил иста класа со Дража Михајловиќ. Веднаш до него е кралскиот апартман, во кој патувала британската кралица Елизабета Втора при посетата на Југославија во 1972 г. Вагоните на „Синиот воз“ се направени во фабриките „Гоша“ во Смедеревска Паланка и „Борис Кидрич“ од Марибор.
За време на Титовите патувања, тој имал специјална безбедносна заштита на трасата каде што се движел – пред него одела една композиција со милиција и војска. Возот достигнувал брзина до 140 километри на час, а зачувани се сите локомотиви што го влечеле. Некои се изложени како музејски експонати во Белград, Загреб и во Љубљана.