Со редење камења до почист ум

305

Балансирањето или редењето камења е уметност, дисциплина или хоби во кое камењата се редат еден врз друг, без да се користи лепило или какви било помагала во одржување на рамнотежата

Балансирање на камењата е уметност во која Александар Колов ја троши својата креативна енергија. Оваа зен-уметност во светот ја идентификуваат со медитација. Бара максимална смиреност, трпение, го ослободува умот, го полни духот, а на крајот нуди и визуелно уживање во резултатот од тој процес. Балансирањето или редењето камења е уметност, дисциплина или хоби во кое камењата се редат еден врз друг, без да се користи лепило или какви било помагала за одржување на рамнотежата. Гравитацијата е таа што ја има најголемата моќ и ја држи стабилноста на скулптурата од камења. Овие дела најчесто се изработуваат покрај вода, затоа што таму има изобилство камења, а и богат пејзаж.
– Сѐ започна пред неколку години, за време на едно летување во Лименарија, Тасос, каде што плажите изобилуваат со најразлични димензии на плоснати тркалезни камења. Во паузите меѓу капењето и игрите со фамилијата, ми претставуваше предизвик да направам што повисока кула, ставајќи ги еден врз друг, притоа внимавајќи на рамнотежата на целата кула. Во годините што следуваа продолжив со практикување на ова хоби на најразлични локации, притоа поставувајќи си нови предизвици и усовршувајќи ги моите вештини – вели Александар Колов.

Која е најголемата сатисфакција? На кој начин ви го подобрува животот?
– Како и сите хобија што бараат целото внимание да е посветено на тоа што го работите, така и ова овозможува за време на самиот акт на балансирање да го прочистите вашиот ум од сѐ што е вишок и непотребно. Единствено важно е постигнувањето рамнотежа, притоа заборавам на секојдневието и на проблемите со кои сум опкружен, а резултатите се дела за кои на момент може да помислиме дека им пркосат на физичките закони, а наедно го облагородуваат просторот каде што се креирани.

Дали камењата го диригираат делото или однапред го имате замислено во глава?
– Постојат пет главни стила на балансирање на камења: едноставно поставување еден врз друг (напластување), тоа е наједноставен начин на поставување, најчесто кога некој ќе земе првпат да балансира почнува со овој стил. Потоа класично балансирање – сите камења се избалансирани во една линија, но не се напластени со најшироката страна еден врз друг. Балансирање со противтежа – рамнотежата на камењата што се пониско зависи од тие што се над нив. Балансирање на камења во вид на лак – камени скулптури во вид на мост. И слободен стил – ги опфаќа сите горенаведени. Најчесто типот на камења на една локација и самиот избор на елементи за камената скулптура ги дефинира распоредот и изгледот на самата камена скулптура.

Која е нишката на стабилноста? Како успевате да воспоставите рамнотежа и на најнесигурната точка?
– Стабилноста на една скулптура во физички термини зависи од местоположбата на центарот на масата на каменот во однос на потпорните точки. Доколку над него има други камења, и тие играат улога во комплетната стабилност поради силите со кои дејствуваат поради нивната маса. Во основа за еден камен да биде стабилен се потребни најмалку три потпорни точки распоредени во вид на триаголник. Колку што е растојанието меѓу точките помало, толку ќе биде помала стабилноста, а со тоа и изгледот на самата скулптура е поатрактивен, поневозможен.

Која е најсложената задача што сте ја решиле?
– Секоја година си носи нови предизвици, ако пред две години целта ми била да правам што повисоки кули (највисоката што сум ја направил од напластени камења беше висока околу два метра), пред една година работев на раскошни скулптури со најразновидни облици (круша, цар Самуил, соба со поглед…), во последно време се посветив на минималистички скулптури со посебен акцент на изборот на камења и начинот на нивното поставување. Моментално претежно работам на класично и балансирање со противтежа.

Каде најчесто го практикувате балансот на камењата и какви камења претпочитате?
– Секаде каде што ќе имам барем малку повеќе време за себе, дали тоа ќе биде во мојот дом, пред зграда или покрај Вардар, на Водно, Радика… Омилено место ми е Трпејца, каде што камените скулптури најдобро се вклопуваат со езерската шир.

Оваа уметност ја идентификуваат со медитацијата. Како ја доживувате вие и дали оваа уметност има спиритуална димензија?
– Би се согласил со тоа, балансирањето на камењата има аспекти на медитативен процес, а и јас го доживувам како форма на медитација, со тоа што на крајот имате визуелно уживање во резултатот од тој процес.

Гравитацијата е таа што ги лепи камењата. Колку време е потребно да се стокми едно дело и колку време гравитацијата ги држи залепени камењата?
– Во зависност од комплексноста, едно дело може да одземе од 5-10 минути па до половина ден, а често практикувам и да се навраќам и правам модификации на тоа што е направено во наредните денови. Трајноста на скулптурите зависи од временските услови, последните што ги направив издржаа една недела.

Со што е попoлнета вашата листа на желби и стремежи?
– Немам посебни желби и стремежи, гледам дека во последно време постои мала популаризација на ова хоби, па почнуваат да никнуваат камени кули на најразлични места. Мило ми е да видам дека луѓето почнуваат на еден или друг начин да навлегуваат во ова хоби и се надевам дека доволно долго ќе се позанимаваат за да ги почувствуваат придобивките од него. Во други земји постои практика за одржување настани поврзани со природата во кои се организираат работилници за изработка на камени скулптури и би ми било чест и задоволство да учествувам во таква работилница доколку кај нас се организира некој сличен настан.