Со „Посен петок“ до поголема еколошка свест

129

„Слоу фуд – Водно“ денеска ќе го лансира предизвикот „Посен петок“ кој ќе трае следните два месеца како дел од онлајн-кампањата „Храна за промени“.

– Нашата цел е да дадеме придонес во јакнење на јавната свест за прашањето на климатските промени и нивната поврзаноста со храната која ја произведуваме и консумираме и да иницираме решенија во надминување и адатптација кон оваа глобална криза. Преку предизвикот „Посен петок“ сакаме да влијаеме на намалување на консумацијата на евтино, увозно и индустриско произведено месо кое има значително влијание врз климатските промени. Да започнеме со фактот дека со помалку месо се создаваат помалку стакленички гасови, кои влијаат врз климатските промени. Истовремено, делуваме врз намалување на потрошувачката на значајни ресурски како почва, вода, шума и енергија. Така на пример, системот за производство на месо има поголем придонес за појава на климатски промени од целиот транспортен систем – сите: автомобили, камиони, авиони и возови во светот. Системот за производство на месо користи дури 75 проценти од целата земјоделска површина. За да се произведе само еден бургер од приближно 100 грама потребни се околу 1.600 литри вода, а за истиот тој бургер потребна е енергија која би ја држела батеријата на ајфон цели шест месеци – велат од „Слоу фуд – Водно“.

Истовремено, тие потсетуваат дека посниот ручек во петок е дел од македонската традиција која треба да продолжиме да ја негуваме, но истовремено е пример да размислиме, како да изгледаат нашите оброци од иднината: штедливи, одржливи, евтини и здрави.

– За таа цел ги покануваме сите во што поголем број да го прифатат предизвикот со хаштаг #ПосенПеток и да го споделат својот оброк, преку слика, видео или рецепт на социјалните мрежи. Ние ќе се потрудиме да ја разбудиме сечија креативност во кујната со серија на видеа од најдобрите готвачи кај нас и да ве потикнеме прифаќајќи го преизвикот први. За најкреативните имаме мали изненадувања – апелираат од „Слоу фуд- Водно“.

Предизвикот „Посен петок“ е дел од онлајн-кампањата на проектот „Храна за промени како одговор на климатските промени“, спроведуван од „Слоу фуд – Водно“, поддржан од „Еко свест“, ДЕМ и ЦНВП, а е финансиран од Европската комисија, како дела од програмата за регрантирање, во склоп не проектот „Да зборуваме за климатски промени“.