Со „Галеб“ групата „Мизар“ најавува нов албум

437

По подолго време, култната македонска и балканска група „Мизар“ ги израдува своите обожаватели со нова песна, насловена „Галеб“. Тоа е на некој начин симболично навраќање на минатото, бидејќи името на групата на арапски јазик значи ѕвезда водилка, која на патниците им помага да не се загубат во пустината. Освен тоа, во интересното видео реализирано за „Галеб“ се искористени сцени од познатиот филм на Вим Вендерс – „Небото на Берлин“.

Според лидерот на бендот, Горазд Чаповски, во подготовка е и нов, седми албум на „Мизар“, кој би требало да биде готов до септември, но сѐ зависи од тоа дали ќе се одолжи вонредната состојба поради епидемијата на коронавирусот. Албумот, како што вели тој, ќе биде стилски шаренолик, па освен дарквејв-нумери, ќе има и балади, како „Галеб“, а можеби и некои други изненадувања. Инаку последниот носач на звук, „Шарена крава“ „Мизар“ го сними во 2014 година.

Интересно е дека текстот за „Галеб“ е на писателот Тихомир Јанчовски, а музиката ја потпишуваат Горазд Чаповски, Зоран Тортевски и Пеце Китановски. Продуцент е Горан Вељановски, во чие студио во Мелбурн, Австралија, е направен и миксот, а свој удел во реализацијата на песната имаше и Александар Ристовски-Принц. Во снимањето на песната „Галеб“ учествува и женски хор.Инаку, Горазд Чаповски остана единствениот константен член на „Мизар“ од основањето во 1981 година до денес.