Сорентино сними филм за Берлускони

76

„Лоро“, новиот филм на наградуваниот италијански режисер и сценарист Паоло Сорентино, од вчера е на кинорепертоарот низ целиот свет. По успешната соработка во филмовите „Џин“ и „Големата убавина“, за кој во 2014 година доби „оскар“ за најдобар странски филм, Сорентино уште еднаш го ангажира својот омилен глумец Тони Серило и му ја довери главната улога во своето најново остварување, каде што тој го игра контроверзниот Силвио Берлускони.

Во другите улоги се појавуваат: Елена Софија Ричи, Рикардо Скамарчио, Касиа Смутниак, Џовани Еспозито и други.

Развратните забави покрај базенот, егзотичните играчки, скандалите, обидот за обновување на политичката кариера, се само некои од појавите со кои Сорентино го слика портретот на италијанскиот премиер Силвио Берлускони, напоменувајќи дека во филмот „сѐ е вистина и сѐ е лага“.

Идејата за филмот „Лоро“ тој ја нашол во човекот, кој, според неговото мислење, претставува архетип на Италијанците, во периодот по паѓањето на неговата влада.

– Филмот е одраз на моќта и на карактерот на општеството меѓу 2006 и 2009 година.

Делумно се работи за особините на самите Италијанци, но ова не е филм само за нив.

Не беше лесно да се сними овој филм, зашто немав целосна креативна слобода, како во другите остварувања. Ограничен си со фактот дека правиш филм за вистински ликови. Не смееш да навредуваш, да клеветиш, да повредиш некого – вели режисерот.

Инаку, „лоро“ на италијански значи „тие“, што е еден од преводите, иако самиот наслов на филмот алудира на злато.