„Сончогледите“ на Ван Гог испраќаат предупредување за уметничките галерии

264

Познатото дело „Сончогледи“ на Винсент ван Гог полека поприма кафеава боја, поради изложеноста на ЛЕД-светилките кои го осветлуваат музејот во Амстердам каде што се изложени, пренесува британски „Индепендент“.

Ова е една од најпознатите слики на Ван Гог, за кого жолтата боја ја симболизирала среќата. Голем број од неговите дела исто така ја менуваат бојата со тек на времето, а истражувачите откриле дека тоа е поради изложеноста на светилките кои се поставени во музеите низ светот.

Со текот на времето, светло-жолтиот пигмент, кој е дел од многу познати слики, се претвора во кафеавкасто-зелена боја поради ЛЕД-светилките. Конзерваторите ги предупредуваат галериите да ги заменат ваквите светла со цел да ги заштитат боите и да го спречат натамошното уништување на уметничките дела. ЛЕД-светилките станаа многу популарни во уметничките галерии во последните неколку години, како енергетско-ефикасна алтернатива на флуоросцентните сијалици.

Тим научници од Франција и Германија употреби силна рендген-технологија за анализа на светло-жолтите тонови во делата на Ван Гог, Пол Сезан и на Пол Гоген.
Истражувањето било фокусирано на три нијанси на жолта хроматска боја, исто така позната како оловна хроматска боја. Откриено е дека најчестата варијанта на оваа боја, т.н. средна жолта, е хемиски стабилна. Но другите две варијанти, нијансата на јагликата и лимоновата нијанса, стануваат кафеави или маслинесто-зелени кога подолго се изложени на зраците што ги емитираат одредени ЛЕД-светилки.

– Ова е случај со неколку уметнички дела во музејот на Ван Гог во Амстердам, како што се „Портретот на Гоген“ и познатата „Вазна со сончогледи“ – вели Летиција Монико, која е дел од тимот што го спроведе истражувањето.

„Сончогледите“ неколку недели ќе престојуваат во студиото за реставрација на музејот на Ван Гог, каде што ќе бидат реставрирани за идните генерации. Делото ќе биде вратено и изложено на своето место на 22-ри февруари.