Сондата со материјал од астероидот се враќа дома во 2023 година

62

Американската сонда конечно зеде примерок од астероидот. НАСА објави: „Сѐ помина совршено. Вечерва испишавме историја“.
Четири години по лансирањето, американската сонда „Осирис-Рекс“ успеа да дојде во контакт со астероидот Бенум и успеа да собере неколку десетини грама прашина.
– Операцијата во траење од 16 секунди бараше многу голема прецизност, а успешно е завршена на оддалеченост од дури 330 милиони километри од Земјата – изјави шефот на мисијата Данте Лаурет.
Сондата ќе донесе слики од операцијата и многу податоци за астероидот. Долга околу шест метри, сондата кружела околу Бенум од крајот на 2018 година за да се подготви за сложената операција.
НАСА соопшти дека сега ќе премине на фазата на вовлекување на контејнерот во леталото и негово поставување во безбедна положба.
Ќе се знае колку материјал успеала да собере кога капсулата со примероци ќе се врати на нашата планета, дури во 2023 година.
Научниците се надеваат дека во собраниот материјал ќе најдат траги за потеклото на животот на Земјата бидејќи астероидите се она што останало при формирањето на Сончевиот Систем пред околу 4,5 милијарди години.