Смеј се со Чарли Чаплин под отворено небо

172

Кинотеката на Македонија овозможува ново видување на ремек-делата на кралот на комедијата

Кинотеката на Македонија од утре, со почеток во 21 часот, започнува со прикажување филмови на Чарли Чаплин во летното кино под отворено небо, со десет наслови во овој исклучителен циклус, кој го опфаќа творештвото на Чаплин од неговите почетоци па до последните дела. Кинотеката овозможува увид во најдоброто од златната ера на немиот филм, но и начинот со кој Шарло се справува со предизвикот на звучниот филм.
– Чарли Чаплин не само што е класик во светската кинематографија, туку со него и започнува тој период што денес го нарекуваме класика. И, како во случајот со сите класични филмски ликови, сè започнало едноставно: насмеј ја публиката, освој ги нивните срца, и биди на нивна страна, макар што поради тоа ќе ти замери естаблишментот, па и со децении ќе ти забрани влез во земјата (САД) каде што ја направил една од најголемите кариери во филмската индустрија – велат од Кинотеката.

Чарли Чаплин со смеата не само што ги забавувал народните маси низ Америка и светот на почетокот на неговата кариера, туку со „Големиот диктатор“ или „Светлините на велеградот“ бил мошне жесток критичар на општеството во кое живеел. И тоа не му било простено, па затоа „левичарот“ Чаплин во ерата на макартизмот („ловот на црвените вештерки“ во САД по Втората светска војна) бил прогласен за комунистички симпатизер. Чаплин живеел во Швајцарија и цели две децении не доаѓал во САД, до 1971, кога во Холивуд ја примил почесната награда на Американската филмска академија за животно дело во филмот. Чаплин е посебен и поради тоа што неговиот карактеристичен филмски лик на „отмениот“ скитник е податен за минималистичка анимација: цилиндар, стап и мустаќи, спакувани во претесно палто, прешироки панталони и чевли поголеми за три-четири броја. Секако, целата таа гардероба е ветва. Но затоа, пак, свежината на неговиот филмски израз бил несопирлив…

Со речиси 90 улоги на филм и 72 кредити како режисер, Чаплин е од оние автори што компримираат вистински филмски универзум сам за себе: бил и сценарист, монтажер, продуцент, а повремено и компонирал или избирал музика за неговите филмови.
– Од крајот на Првата светска војна до почетокот на Втората светска војна Чаплин ги снима своите најуспешни кратки и среднометражни филмови „Детето“, „Мрзливци“ и „Аџијата“ и долгометражни филмови „Циркус“, „Светлините на велеградот“ и „Модерни времиња“. Појавата на звучниот филм е новиот предизвик, и во таа сфера не е неуспешен: „Големиот диктатор“, „Господинот Верду“ и „Светлините на сцената“ се неговите три звучни филмови, со кои ја завршува американската епизода во неговиот живот и кариера. Во Велика Британија го снима „Крал во Њујорк“. Тоа е Чарли Чаплин во кратки црти. Повелете во летното кино на потсетување, но и ново видување на ремек-делата на кралот на комедијата – порачуваат од Кинотеката.
Циклусот почнува со проекција на „Циркусот“ од 1928 година.