Слушањето музика од Моцарт ги олеснува епилептичните напади

45

Слушањето на музиката на Моцарт не само што предизвикува задоволство туку може да има влијание и врз подобрување на здравјето, докажаа канадски научници, тврдејќи дека композициите на австрискиот композитор го намалиле бројот на напади кај пациенти што страдаат од епилепсија.

Според Светската здравствена организација (СЗО), епилепсијата е најчестото невролошко нарушување и зафаќа приближно 50 милиони луѓе низ светот. Резултатите од една помала студија објавена во списанието „Епилепсија опен“ може да бидат клучни за откривање на потенцијалните медицински придобивки од музиката.
Истражувачите ја користеле Сонатата за две пијана во Де-дур, К 448 на Моцарт и преработената, пожива верзија на истото музичко дело за да испитаат дали таа ќе има позитивен ефект врз епилептичните состојби на пациентите.

– Во последните 15-20 години научивме многу за тоа како слушањето на музиката на Моцарт им помага на пациентите со епилепсија и ја намалува зачестеноста на нападите. Но досега нема одговор на прашањето дали слушањето и на друг аудитивен стимул ќе има сличен ефект – вели авторката на студијата д-р Марјан Рафие од институтот за неврологија „Крембл“ во Торонто.

Притоа лекарите не се определиле за класично музичко дело од друг композитор, туку делумно ја смениле музичката структура на оригиналната верзија на сонатата на Моцарт. Во повеќемесечната студија биле вклучени 13 пациенти поделени во две групи. Едната група ја слушала споменатата соната на Моцарт секој ден во текот на три месеци, а потоа за уште три месеци поживата, модифицирана верзија од истото дело. Додека кај втората група, редоследот на слушање бил обратен, пишува списанието „Неуросајенс“.

Количеството лекови што ги примале пациентите за ова време не им било сменето и тие морале да водат евиденција за зачестеноста на епилептичните напади.
– Резултатите од студијата покажаа дека секојдневното слушање на сонатите е поврзано со намалена фреквенција на напади – заклучува Рафие и додава дека резултатот укажува на тоа дека музиката на Моцарт може да се смета и како замена за терапевтска опција за лицата со епилепсија.