Слоновите во варшавската зоолошка градина ќе ги лечат со масло од канабис

221

Оваа година беше тешка за Фреѕиа, млада слоница од Африка, која живее во зоолошката градина во Варшава, главниот град на Полска, пренесува Би-би-си.

Зоолошката градина во март годинава загуби еден од четирите слонови, слоницата Ерна која беше најголемата и најстарата. Смртта на Ерна кај слоницата Фреѕиа освен тага предизвикала и стрес. Чуварите на зоолошката градина веднаш забележале промена во однесувањето на слоницата Фреѕиа.

– Фреѕиа реагираше чудно кога го виде телото на Ерна. Таа беше навистина возбудена. Но, можеше да се види и дека тагува, всушност беше депресивна – изјави д-р Агнеска Чујковска, директорка на Одделот за рехабилитација на животни во зоолошката градина.

Чуварите на зоолошката градина објасниле дека Фреѕиа покажувала знаци на стрес уште од моментот кога се обидувала да воспостави нова врска со нејзината придружничка Буб.

Може да бидат потребни месеци, дури години за слоновите да го прежалат губењето на членот од стадото и да си го вратат чувството на хармонија.

– Ова е огромна промена на улогите во секоја група слонови. Слоновите можат да имаат проблеми со однесувањето кога ќе се промени структурата на групата – додава Чујковска.

Анксиозноста на Фреѕиа и даде на зоолошката градина можност да тестира нов експериментален третман.

Чујковска и нејзините колеги започнаа проект за тестирање на маслото од екстракт од канабис, за да оценат дали тој третман ќе ја намали вознемиреноста кај животните од зоолошката градина.

Канабидиолот, познат како масло си-би-ди, се добива од растителното соединение на канабис. Се верува дека ова масло го стимулира производството на серотонин и допамин, хемиски хемикалии во мозокот кои можат да помогнат во борбата против депресијата.

Слоновите во оваа зоолошка градина ќе бидат првите животни на кои ќе им се даде маслото си-би-ди, кои се подложни на стрес и може релативно лесно да се следат. Со оглед на нејзиното неодамнешно однесување, Фреѕиа се смета за идеален кандидат.

– Кога Ерна угина, сè се смени. Не мислам дека Фреѕиа беше подготвена за толку големи промени. Фреѕиа сега постојано следи она што го прави Буб, а порано беше помирна – вели Чујковска.

Првата фаза од истражувањето е веќе завршена. Таа вклучува собирање измет, течности од носот и примероци од крв од слонови за следење на нивото на кортизол. Кортизолот е хормон кој се произведува во телата на луѓето и животните во стресни ситуации.

– Планираме да им дадеме масло и повторно да го измериме нивото на кортизолот. Ова е експеримент. Тогаш сигурно ќе знаеме дали маслото делува или не – рече Чујковска.

Маслото од канабис ќе се дава директно во устата на слоновите или ќе се меша со нивната храна. Нивното здравје редовно ќе се проверува со тестови на крв. Иако е добиено од канабис, маслото не предизвикува чувство на интоксикација. Ова е затоа што маслото не ја содржи психоактивната компонента на канабисот. Чујковска не очекува слоновите да имаат сериозни несакани ефекти.

 – Не е многу силно. Единствениот несакан ефект ќе биде одредена промена во однесувањето. Ќе мора да работиме напорно за да ги постигнеме посакуваните резултати – вели таа.

Чујковска објаснува дека ова е прв проект што ќе го следи нивото на кортизол кај слоновите пред и по земањето на маслото си-ди-би.

Маслото си-ди-би се продава легално во одредени држави со години. Некои ги користат за лекување на состојби како што се болка, несоница, епилепсија и мултиплекс склероза.