Слободен и самосвесен уметник со харизма и визија

135

Медиумите во регионот за концертите на Горан Трајкоски

Македонскиот музичар Горан Трајкоски по успешниот концерт што во рамките на ланскиот фестивал „Таксират“ го одржа во декември, во Младинскиот културен центар во Скопје, заедно со групата „Мугер фугер“, на 13, 14 и на 16 јануари одржа серија успешни концерти во Нови Сад, Загреб и во Љубљана. Сите три настапи предизвикаа големо внимание и беа проследени со одлични критики во тамошните медиуми.
Така, во коментарите по настапот во гимназијата „Лаза Костиќ“ во Нови Сад, на 16 јануари, се вели дека „еден од најзначајните македонски алтернативни музичари, Горан Трајкоски, ги донел звуците на панкот и дарк-металот, кои на интересен начин ги комбинира со православното наследство и со народната традиција на својата земја“.
Во Загреб, Трајкоски одржа концерт на 14 јануари во култната „Творница“. Основачот и член на групите „Мизар“, „Анастасија“, „Падот на Византија“ и други дарквејв-бендови од средината на 1980-тите собра неколку стотици поклоници на овој музички правец на загрепскиот концерт.

„Враќањето на Трајкоски во Загреб на извесен начин е враќање во средината што рано го прифати и во која тој се чувствува речиси како дома“, беше истакнато во една од најавите за концертот.

Меѓу одличните критики по неговиот настап е и онаа на славонскиот епископ со фасцинантна биографија Јован Чулибрк дека Трајкоски е гениј чија музика спаѓа во големото наследство на човештвото. Чулибрк целиот живот до замонашувањето ѝ го посветил на музиката, а бил и музички критичар во 1980-тите, кога студирал на загрепскиот филозофски факултет. На концертот се појавил како пријател и почитувач на Трајкоски, со кого долго не се видел. Наедно, тој е првиот епископ што се појавил во „Творница“.

– Горан е образец за она што мене ми е важно, а тоа меѓу другото е вкрстувањето на византискиот дух и културната традиција со современата музика – изјавил Чулибрк по настапот на Трајкоски.
Во критиката што беше објавена во „Јутарњи лист“ за настапот на Горан меѓу другото се вели дека фузијата на готик рок, византиските и старословенските црковни напеви, како и македонската традиционална музика, стилот што го негува Трајкоски, што беше ѕвезда водилка за цела една генерација, секако, бил присутен и на концертот во „Творница“.

– Во моментот Горан пишува театарска музика, а светот го запозна кога музиката на „Анастасија“ беше ставена на саундтракот на македонскиот филм „Пред дождот“, во режија на Милчо Манчевски, кој беше номиниран за „оскар“. Овој носач на звук беше продаден во илјадници примероци во повеќе земји – пишуваа медиумите во регионот, потсетувајќи ја публиката за значењето на нашиот познат музичар.
Во своето неодамнешно интервју за „Јутарњи лист“ тој открил дека создава материјал за својот нов албум. Во таа пригода изјавил дека со светот се наоѓаат свртени со грб еден кон друг и како еден ден само ќе се изгуби во далечината.

– Ме загрижува немоќта и неспособноста да направам нешто повеќе за луѓето околу себе – изјавил Трајкоски, додавајќи дека тој е „глас што одекнува во пустината на човештвото и бара атом на храброст за да ја победи својата малодушност и прв да го фрли каменот кон бесмислата на денешниот Апсурдистан“.
За среќа, концертот во Загреб покажа дека Горан не е во право, бидејќи своето расположение успева совршено да го артикулира низ музиката. Во Љубљана, Трајкоски со бендот настапи во „Гала хала“, каде што беше најавен како „слободен и самосвесен уметник со харизма и визија“.