„Слави го животот“ – изложба за себепромена

62

Изложбата „Слави го животот/себепромена“ на дизајнерот Горан Костовски ќе биде отворена на 21 мај во мобилна/монтажна галерија на Центарот за современи уметности, во Паркот на франкофонијата со почеток во 18 часот.

– Промена е збор што се користи да се опише преминот од исто во различно. Преку илустрација и текстуални пораки на блузи водена од концептот има цел да ја подигне свеста на граѓаните за себепромена и за менување на своите навики за поголем придонес кон животната средина – најавуваат организаторите.

„Слави го животот“ е создадена во 2011 година како платформа за дизајнирање на унисекс-облека. Покрај практичниот аспект, платформата има и филозофија зад себе – да се избегне мрачната и неподнослива состојба во секојдневието.

– Луѓето престанаа да се смеат, заборавија на животот и радоста. Агресија, гнев и омраза насекаде и непрепознавање на средината доведе до стадиум на размислување во нова форма на уметничкиот израз. Впрочем, бедата се пренасочи во продуктивност.

Своевиден потсетник за луѓето што повеќе да се радуваат бидејќи навистина е бесцелно да се трошат енергија и време на грди работи. Секоја колекција со себе носи разни позитивни промени во општеството како возењето точак, исчезнувањето на ноќниот живот во главниот град и појавувањето на новите музички предизвици, погледнувањето длабоко во себе да се пронајдеме кои сме и што сме, човековите права и родовата еднаквост, медитациите, вегетаријанството и здравиот начин на живот, чистиот воздух и уништувањето на животната средина тие секогаш се претставени на убав начин, кој што има цел да им ги доближи овие прашања на луѓето наоколу – вели Горан Костовски, авторот на изложбата.

Свое дело првпат изложил во 1998 година, а оттогаш до денес учествувал во низа самостојни и групни презентации, како и видеоперформанси. Изложувал во Скопје, Париз, Амстердам, Берлин, Целје.