Скриена божица – откриена тајна на антички египетски саркофаг

161

Британските конзерватори што работат на египетска мумија стара 3.000 години дошле до епохално откритие. Мумијата би требало да биде изложена во Градскиот музеј во Перт, Шкотска, пренесе „Дејли мејл“. Според весникот, истражувачите дошле до откритие кога ја подигнале мумијата од саркофагот, за која се верува дека се посмртните останки на некој свештеник или на принцезата Теба, а првпат по стотици години откриле насликани фигури на египетска божица во внатрешноста и надвор од ковчегот.

– Многу бевме изненадени кога ги видовме сликите. Никогаш немавме причина да ја кренеме мумијата толку високо за да можевме да го видиме дното на ковчегот и никој порано не ја кренал мумијата, ниту очекувал да најде нешто под неа. Наоѓањето слики на двете површини е вистински бонус и е нешто необично што можеме да го споделиме со посетителите – вели Марк Хол, официјален претставник на музејот.
Сликите веројатно ја отсликуваат античката египетска божица Амаунет, која била заштитничка на мртвите.

Научниците имаат намера дополнително да ги проучуваат овие слики, за да се обидат да дојдат до нови податоци во врска со историјата на мумијата, за која се верува дека датира од 760 до 525 година пред нашата ера.