Скорсезе и Бланшет го прогласија 71-от Филмски фестивал во Кан за отворен

512

Американскиот режисер Мартин Скорсезе и австралиската глумица Кејт Бланшет, го прогласија за отворен 71-от Филмски фестивал во Кан, прв по избивањето на скандалот со американскиот продуцент Харви Вајнстин.

– Ние ја споделуваме страста кон кинематографијата, сите сме овде, за да ја славиме седмата уметност – истакна режисерот на „Таксист“ и „Починатите“, кој заедно со Бланшет официјално го отворија фестивалот, кој ќе трае 12 дена.
Скорсезе ја доби специјалната награда „златна кочија“ за неговата „смелост и решителност во режирањето и продукцијата“. Оваа награда се врачува на самото отворање на свеченоста, почнувајќи од 2002 година.

Новитет на годинашниот фестивал, меѓу другото, е и тоа што е отворена „жешка линија“ за пријавување сексуално злоупотребување и вознемирување, што ќе биде и една од темите за дискусија на фестивалот.

Бланшет годинава е претседателка на жирито составено од девет члена. Покрај неа, во жирито се и француската глумица Леа Сеиду, режисерот Робер Гедигјан, како и Американките Кристен Стјуарт, режисерката Ава Дуверне, канадскиот режисер Дени Вилнев и рускиот режисер Андреј Звјагинцев.

„Златната палма“ за најдобар филм ќе биде врачена на 19 мај. За оваа награда се борат 21 филм.