„Скопје лајт арт дистрикт“ од 29 мај до 1 јуни

88

Второто издание на фестивалот на светлината, „Скопје лајт арт дистрикт“, ќе се одржи од 29 мај до 1 јуни. Дваесет и пет уметници, уметнички здруженија и уметнички групи од земјава и од странство, од 20 до 24 часот, на 18 локации, ќе ги изложуваат своите дела, ќе ги изведуваат своите претстави и перформанси и ќе им понудат на Скопје и на скопјани едно ново, магично и необично доживување.

Со инсталации и настапи во многу бои и светлина, „Скопје лајт арт дистрикт“ и реномираните светлосни уметници што ќе бидат дел од него на присутните ќе им ги претстават фантастичните и митски суштества и чудовиштата што магично излегуваат од крошните на дрвјата или се вешто скриени во некој дел од урбаната џунгла, светлечките дрвја, музичките перформанси, 3Д-проекциите и уште многу други светлосни атракции.

Фестивалот ќе биде збогатен и со посебен дел за одмор, забава и дружење на посетителите, а ќе имаат можност да присуствуваат и на првиот 3Д мапинг-натпревар, на кој уметници од земјава и од странство ќе се натпреваруваат за фестивалското гран при, наградата „Златко Славенски“.

Отворањето на фестивалот е закажано за 20 часот, на 29 мај, во „Куршумли-ан“ во Старата скопска чаршија, а посетителите ќе може преку мобилна апликација и мапата на веб-страницата на фестивалот да се вклучат и самите да ги откриваат поставките преку предодредена патека, која ќе ги одведе до самиот финиш, во Градскиот парк во Скопје.

„Скопје лајт арт дистрикт“ е во организација на ЈУ Универзална сала, со поддршка на градот Скопје и проектот „Рок“ како дел од програмата „Хоризонт 2020“ за истражување и иновации на Европската Унија.