Скандалот „Вајнстин“ е инспирација за книги, филмови и серии

102

Како резултат на скандалот, објавени се голем број книги, филмови и телевизиски проекти што го истражуваат развојот на приказната, како и целокупната култура на Холивуд и влијанието на овој случај врз движењето „И јас исто така“

Харви Вајнстин беше еден од највлијателните продуценти во Холивуд, освојувајќи два „оскара“ за неговата работа („Заљубениот Шекспир“ и „Англискиот пациент“). Но откако во период од две и пол години, голем број жени го пријавија Вајнстин за сексуална злоупотреба, засрамениот медиумски магнат стана претставник на сите лоши работи што се случуваат во Холивуд – од родова нееднаквост и воздржаност од машкото его до сексизам и замолчување на жртвите на сексуални предатори. Како резултат на скандалот, објавени се голем број книги, филмови и телевизиски проекти што го истражуваат развојот на приказната, како и целокупната култура на Холивуд и влијанието на овој случај врз движењето „И јас исто така“.

Меѓу книгите, најважни се секако два бестселери, особено оној од септември 2019 година, кој го документира истражувањето што ја иницира целата приказна за Харви Вајнстин. Станува збор за книгата „Таа рече“, во која новинарките на „Њујорк тајмс“, Џоди Кантор и Меган Туи, пренесуваат интервјуа со над 80 жени што јавно го обвинија Вајнстин за сексуално малтретирање. Двете новинарки за својата работа беа наградени со Пулицерова награда.

Исто така, тука е и „Фати и убиј“ од октомври 2019 година, потпишан од новинарот Ронан Фароу, син на Миа Фароу и Вуди Ален, кој го откри Вајнстин во „Њујоркер“ и за својата работа ја делеше Пулицеровата награда со Кантор и Туи. Неговата книга зборува за самиот Вајнстин, но и за многуте предизвици со кои се соочувал Фароу додека истражувал за филмскиот магнат.
Потпирајќи се на случајот „Вајнстин“, лани излезе и филмот „Асистентката“. Филмот следи како тече еден работен ден на асистентката Џејн, која неодамна дипломирала и сака да биде филмска продуцентка, а се соочува со типичен модел на сексизам и сексуално вознемирување при работа.

Минатогодишниот филм „Секс-скандал“, кој доби номинација за „оскар“, исто така се осврна на сексуалната злоупотреба. Во овој случај беше прозван Роџер Ејлс, медиумскиот консултант и поранешен извршен директор на „Фокс њуз“, кој почина во 2017 година, а кого 23 жени го тужеа за несоодветно и предаторско однесување. Меѓу нив се и познатите презентерки Меган Кели и Гретчен Карлсон. Во филмот, Кели ја игра Шарлиз Терон, а Никол Кидман е Карлсон и фокусот е на нив, жените што успеаја да го симнат Ејлс од неговиот престол.
Меѓу документарците на темата „И јас исто така“ се и британскиот „Недопирлив“, во режија на Урсула Мекфарлан, во кој поранешните колеги и жртви зборуваат за подемот и падот на Харви Вајнстин.
Постојат и случаи со други мажи како Вајнстин, кои ја злоупотребиле својата моќ за сексуално да нападнат голем број жртви. Такви се документарната серија „Напуштајќи го Неверленд“, која се однесуваше на обвиненијата за педофилија на Мајкл Џексон, и „Преживувајќи го Р. Кели“, во која се опишани обвинувањата со кои раперот се соочува со децении – дека сексуално малтретирал и злоупотребувал многу жени, вклучувајќи и тинејџерки.

Серијата на Епл „Утринско шоу“, во која играат Џенифер Анистон, Стив Карел и Рис Витерспун, нуди поглед зад камерите пред снимањето на раните утрински телевизиски емисии, а голем дел од својата инспирација црпи од случајот со водителот Мет Лауер на „Ен-би-си“, кого неколку жени го тужеле за силување и вознемирување.
Исто така, постојат и голем број дела што се однесуваат на прашањето околу согласноста и сексуалната злоупотреба. Книгата „Верувај ми“ од Џесика Валенти и Џеклин Фридман ги вклучува есеите на писателите за тоа како треба да им се верува на жените што зборуваат за сексуален напад врз нив. Трилерот на Чендлер Бејкер, „Виспер нетворк“, е за група жени што се обединуваат да урнат режисер со историја на сексуално насилство, како и книгата „И јас исто така во корпоративниот свет“ на економистката Силвија Ен Хјулет, која го анализира влијанието на движењето врз корпоративната Америка.