Скандалозните моменти по кои ќе го паметиме кралот на попот

279

Го нарекуваа крал на поп-музиката. Американскиот пејач Мајкл Џексон го сметаат за една од најважните културни икони на 20 век и најголем забавувач во историјата на музиката. Целата негова кариера ја обележија безвременски хитови, најпрестижни награди, но и голем број бизарни и скандалозни моменти и настани. Ова е список на оние по кои ќе остане вечно запаметен.

1. Списанието „Тајм“ го опиша неговото танцување како „бесрамно“
Непристојното „фаќање за ципите“ како дел од настапите стана заштитен знак на Џексон. Вакво танцувачко движење денес често може да се види во музички спотови, но во тоа време сексуалните алузии со физички допир на гениталиите го шокираа светот.

2. Козметички хируршки зафати
За време на една сложена танцувачка точка во 1979 година, Џексон доби скршеница на носот. Во едно интервју од 1993 г., поп-ѕвездата изјави дека имал само две козметички операции – на носот и подбрадокот – и дека и двете биле поради здравствени причини. Сепак, неговата екстремна физичка трансформација упатува на фактот дека се работи за многу повеќе од две операции.

3. Откажување концерти
По откажувањето на голем број концерти во 1999 г., организаторот на настапот во Минхен и пријател на Џексон, Марсел Аврам, поднесе тужба против пејачот, поради кршење на договорот. Веднаш потоа и Џексон поднесе исто обвинение против Аврам. По долго натегање по судови, двајцата пријатели конечно постигнаа компромис.

4. Ураганот Катрина
Откако разорниот ураган Катрина го поплави Њу Орлеанс, Џексон вети дека ќе сними песна за катастрофата, наменета за хуманитарни цели. Според извештаите од есента 2005-та, тој работеше на овој проект со уметници од Лондон и Лос Анџелес, но долгонајавуваниот сингл никогаш не го виде светлото на денот.

5. Големи долгови
Бизарно но вистинито, по збогатувањето и огромната слава, во последните години Мајкл остана без финансии, поради огромните суми што ги потроши на судски тужби и обвиненија. Вестите за проблеми со парите зачестија во 2006 година, по затворањето на ранчот Недојдија, како мерка за намалување на трошоците. Тој беше принуден да земе кредит во висина од 270 милиони долари, кои требаше да ги обезбедат неговите издавачки и авторски права. Проблемите се намножија кога не успеа редовно да ги плаќа кредитните рати.

6. Недојдија
Домот на Џексон, помеѓу другото, содржеше зоолошка градина и забавен парк со рингишпили, лизгалки, тобогани, игротеки и колички на судирање. Името го доби според приказната за Петар Пан и измислениот остров Недојдија, каде што децата никогаш не пораснуваат. Во 2008-та, пејачот доби предупредување од кредиторите дека целото земјиште, објектите и уметничките дела ќе бидат продадени по пат на аукција. Аукцијата за конфискација на Недојдија беше откажана, бидејќи инвестициската компанија „Колони кепитал“ го презеде кредитот.

7. Бебе на балконот
Во 2002 година, Џексон го изнесе својот новороден син на балконот од својата хотелска соба во Берлин, додека неговите обожаватели стоеја долу. Држејќи го во десната рака бебето со прекривка на лицето, Џексон накратко го надвисна преку оградата на балконот, четири ката над приземјето, предизвикувајќи бран критики во медиумите. Подоцна тој се извини за инцидентот, нарекувајќи го „ужасна грешка“.

8. Злоупотреба на деца
Се работи за несомнено најконтроверзниот скандал во животот на ѕвездата. Во 2003 година, Џексон доби седум тужби за сексуална злоупотреба на деца. Освен нив, имаше уште две за давање опојно средство на Гевин Арвизо, кој тогаш имаше помалку од 14 години. Џексон ги негираше ваквите обвинувања, велејќи дека спиењето кај некого во никаков случај нема сексуална конотација. По долгите судски процеси, Мајкл беше прогласен за невин, но токму овој скандал на крајот стави точка на неговата музичка кариера.