Сите лица на модата – од носталгија до авангарда

336
Фото: AD Photography

Моден викенд – втор ден

Вториот ден од Моден викенд, во саботата на 2 ноември започна со авангарден перформанс на старата железничката станица, од Теодора Митровска, која со стариот воз на Јосип Броз Тито, ги одведе мноштвото домашни и странски посетители на чудесно патување низ времето на стара Југославија.

Македонската дизајнерка со лондонска адреса приреди несекојдневна визуелна презентација на машката колекција „20.18“, во соработка со партнерот за обувки ARTHUR’S shoes. Брендот со нејзин потпис е препознатлив по константните обиди да ги инкорпорира елементите од нашата култура, концептот за работничката класа, односно естетиката на униформите.

Инспирацијата за креациите е длабоко лична и интимна, со одредена доза и на темнина, а цели да создаде андрогини неземски војници на модерното доба. Си поигрува со мажественоста и родовите стереотипи кога е гардеробата во прашање, па истражувајќи нови текстилни техники и неконвенционални материјали, таа настојува да ги урне ваквите бариери.

Програмскиот дел продолжи во Музејот на град Скопје, со ревија на бугарскиот современ и алтернативен бренд „Jar & Jam“, чии лимитирани парчиња облека во нијанси на бонбони, наменети се за сладокусците со младешки и игрив дух, особено во зимските месеци. Футуристичката визија и иновативноста како нивен заштитен знак, воочлива е и во последната колекција насловена „Tempo & Patience…Sweet temptation“, којашто неодоливо го оживува духот на 90-тите години од минатиот век.

Првите чекори на домашната сцена вечерта ги направи Мила Спасовска под етикетата Yamuna, дебитирајќи со самостојната колекција „Текстура на умот“, која дефинира стихија на сопственото јас. Ни ја подарува убавината која стои зад внатрешната војна. Го гледаме човекот како си игра со временските непогоди и како чекори низ нив. Го гледаме човекот како е подготвен за секоја непогода, а воопшто не е подготвен за блаженство. Внатрешната наспроти надворешната борба и вечното тежнеење кон сопствена револуција.

Со ревијата за „LA NUIT“, доминантно на модната писта настапи и Зана Алиу, на која визијата оваа сезона ѝ е да покаже зошто црната боја е совршена хармонија на елегантното. Според дизајнерката, таа е царица на општеството. Толку едноставна и толку комплицирана. Таа е тивка и скромна, но истовремено и арогантна, бурно изразувајќи ја страста, мистеријата, љубовта, сексипилноста. Црната има сѐ и нејзината убавина е апсолутна, а истото го демонстрираше и низ креациите кои не ја оставија публиката рамнодушна.

Финишот на саботниот ден беше резервиран за нетрпеливо очекуваниот проект „Нитка“, чиишто учесници ѝ се претставија на јавноста со заеднички перформанс, во рамките на Моден Викенд Скопје. Станува збор за групата млади таленти: Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и Марија Стојановска, кои изразија волја да учат, експериментираат и се усовршат во ним сосема непозната сфера – плетењето.

Под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, Здружението на жени „Цвет Крушево“ и Светлана Димитријевиќ, шестмината за неполн месец научија повеќе различни техники од подзаборавениот занает, преведувајќи ги на модерен начин во своите дизајни. Рачно сплетоа оригинални модели, работејќи во тандеми, а конечниот резултат е изненадувачки. Проектот „Нитка“ е финансиски поддржан од Министерството за култура, во склоп на манифестацијата „Нов културен бран“ во 2019 година.                                                                                                

Ј.П.