Синот на руски милијардер се обидува да успее без богатството на својот татко

677

Никој не знае дека Александар Фридман е син на 11-иот најбогат човек во Русија. Тој изнајмува двособен стан на периферијата на Москва за 500 долари месечно и го користи метрото за да оди на работа.

– Јадам, живеам, спијам и се облекувам со парите што ги заработив сам – вели Фридман кој има 19 години, чиј татко е Михаил Фридман со богатство од 13,7 милијарди американски долари, според индексот милијардиери на Блумберг.

Помладиот Фридман се вратил во Москва минатата година, откако завршил средно училиште во близина на Лондон. Пред пет месеци ја основал компанијата „СФ Девелопмент“, која има пет вработени и приход од 405.000 долари.

И покрај тоа што тој се обидува да успее без помош од страна на неговиот татко, Александар сигурно има корист од неговите врски. „СФ Девелопмент“ дистрибуира производи во продавниците за малопродажба на неговиот татко, покрај другите клиенти. Фридман не го гледа тоа на тој начин, велејќи дека менаџерите нема да ставаат стока на полиците само затоа што тој е син на сопственикот.

Оваа привилегирана форма на претприемаштво сè уште се издвојува во Русија каде бизниз-титаните често ги вработуваат своите деца, за да ги научат начините на деловно работење. Но има и такви кои веќе им го пренесуваат богатството на наследниците.

Минатата година челичниот магнат Алексеј Мордашов (54) им подари 1,7 милијарди американски долари од своите акции на синовите Кирил и Никита. Владимир Евтушенков (71) му дал пет отсто од акциите на „Система ПЈСЦ“ на неговиот син Феликс. Милијардерот Леонид Федун (63) им префрли на своите деца Антон и Екатерина над 1,4 милијарди долари од неговите акции во „Лукоил ПЈСЦ“.

– Татко ми, ми кажа дека во нашата земја бизнисот и политиката се длабоко испреплетени – рече Александар, додавајќи дека неговиот татко секогаш му кажувал дека планира да го даде своето богатство за добротворни цели.

– Живеев со идеата дека нема да наследам никакво богатство – додава тој.

Младиот Фридман планираше да ги почне студиите на школата за бизнис „Стерн“ на универзитетот Њујорк во септември, но реши да не оди годинава. Сега размислува дали да се откаже од студирање целосно, за да се посвети на својата компанија и бизнисот со полно работно време.