Синилото на морето, дополнето со шармот на малите гратчиња

453
Монако Фото: Каролина Мицевска

Репортажа: Азурен Брег, Франција

Тргнувајќи од Мантон, па натаму преку Монако, Монте Карло, Ница, Антиб, Кан, па до Сен Тропе, се минува низ живописни гратчиња што пленат со својата убавина

Францускиот Азурен Брег (Кот д’Азур) е расположен на јужното подножје на Приморските Алпи, кои полека се спуштаат кон Средоземно Море до италијанската граница. Името е кованица на писателот Стефан Лиежеар, кој во 1887 година издал книга со наслов „Азурен Брег“.
Кога ќе стигнете тука, на француската ривиера имате чувство дека овде е собрана целата историја од различни епохи, сета убавина на градбите изградени во различни историски периоди, сѐ до оние најновите. Овој крај плени и со својата природа. Кога слегувате со возило по убаво уредените патишта се воодушевувате од величествените пејзажи со многу цвеќиња, од скалестите предели што се спуштаат кон морето и од долините во кои се сместени некои од градовите. Чувството е дополнето од пријатната клима и, се разбира, од азурно синото Средоземно Море, кое им го заробува погледот на туристите.
Посетителите се одушевуваат и од прекрасните мимози, јасминот, розите, лавандата, од палмите… А силните сончеви зраци ќе ви овозможат да уживате во чудесната алхемија на Азурниот Брег до доцна навечер.
Тргнувајќи од Ментон, па натаму преку Монако, Монте Карло, Ница, Антиб, Кан, па до Сен Тропе, се минува низ живописни гратчиња што пленат со својата убавина и шарм.

Кнежевството Монако – град надвиснат над морето
Монако е познат град-кнежевство. Наедно, тој е и развиен туристички центар, а целата негова територија е надвисната над морето. Називот го добил од римскиот Портус Монеки (Portus Monoeci) – Херкулово пристаниште, што потекнува од една средновековна легенда. Задолжително треба да ги посетите стариот град, пристаништето, новиот дел и се разбира Монте Карло, градот со многубројни казина.
При прошетката низ Монако ќе ги видите трагите на неговата долга историја, но и симболите на семејството Грималди, кое со векови управува со ова кнежевство. Вреди да се видат и: Музејот на океанографијата, катедралата „Собир“, дворецот на принцот, а интересно е да се проследи и смената на стражата на караулата. Самиот дворец е прекрасен музеј, во кој се чуваат делата на голем број славни уметници, фрески, јапонски мебел, а тука е и Музејот на Наполеон. Катедралата, исто така значаен паметник, била изградена во 1875 година. Тука почиваат моштите на глумицата Грејс Кели, која ја напушти холивудската кариера за да се омажи за принцот Рение. Убаво е да се разгледа и Антрополошкиот музеј, но и да се прошета низ убаво уредениот парк од каде што има фантастичен поглед кон морето.
Кога ќе заврши прошетката низ стариот град, слегувате долу во Монте Карло, кој со брзина на светлината постојано се гради. Најдете време за разгледување на казиното изградено во барок, свратилиште на илјадници туристи од целиот свет, а најмногу Руси.

Ница – престолнината на Азурниот Брег
Од Монако се продолжува кон Ница, преку живописните места: Лаге, Кап Деи, Есе, Сен Жен Кап…. Ница со право се нарекува престолнина на Азурниот Брег. Со текот на времето таа постојано се развивала, а кон Франција била присоединета во 1793 година. Голем број уметници, воодушевени од нејзините убавини, твореле тука, а меѓу нив се и: Моне, Реноар, Матис, Пикасо, Тулуз Лотрек… Своите дела тука ги пишувале писателите: Балзак, Флобер, Мопасан и Бодлер, а некои од нив засекогаш останале тука. Можеби токму затоа Ница важи за центар на културата и уметноста.
Секој градски кварт се одликува со своја оригиналност, со впечатливи паметници и со традицијата. Најдете време да го посетите дворецот „Негреско“, извонредно архитектонско здание изградено во 1912 година, кој плени со својот изглед и местоположба, а опкружен е со палми. Во подножјето на замокот почнува прошетката низ стариот град, еден од најживописните реони на Ница. Преку улиците Бушери и Марше ќе дојдете до плоштадот „Сан Франсоа“, а во близината се и скверот „Салеј“, цветниот пазар и многубројните кафулиња. Заслужуваат внимание зградата на операта и катедралата „Сен Репарт“ од 15 век. Стариот дел се соединува со улицата Префектур. Главната улица на Ница е именувана по Жан Медсен, на која се наоѓа соборната Богородична црква. Улицата продолжува кон плоштадот „Масена“ со објекти во извонредна архитектура.

Ница

Центар на културниот живот тука се и булеварот Алберти и шеталиштето на Англичаните, (Променада), а во непосредната близина се и зградата на театарот и Музејот на модерната и современа уметност. Во Ница има многу други музеи, кои во себе чуваат значајно културно наследство, како и голем број цркви, меѓу кои е и Руската, изградена во 1904 година. Ница е позната и по карневалот што датира од 13 век, а современата традиција се надградува од 1873 година. Малку е еден ден за да се види сѐ во Ница, но времето е кратко и мора да тргнеме кон Антиб, древен град што датира од 5 век.

Ова мало место со уникатни градби и пристаниште, плени и со живописните мали улички, квартот Сафран, замокот „Грималди“, во чија сала е сместен Музејот на Пикасо, со бесценета колекција на цртежи, графики и керамика. Од замокот кон морето се протега фантастичен поглед што ви ја полни душата. И додека го откривате шетајќи стариот град, дознавате и за други детали поврзани со животот во ова мало живописно француско гратче. На пример, дека Антиб е прв во Европа во одгледување цвеќиња, особено рози, а овде има и фантастичен пазар со разновидни мирудии.

Кан – филмска мека
Патот полека нѐ води кон Кан, расположен во исклучително убаво простор покрај морето. Го викаат и град на фестивалите, но најпопуларен е Канскиот филмски фестивал. Задоволство е да се прошеташ низ град, во кој живеел британскиот лорд Брегхем, кој останал тука воодушевен од синото небо, убавиот град и меката клима. И навистина имал право. По него и други познати англиски аристократи изградиле свои домови, а подоцна Кан станал најпопуларно туристичко место. Најпозната знаменитост се шеталиштето покрај морето и плажите, односно Кроазета, долга три километри, а на врвот е древната тврдина „Ројал“. По должината се протегаат старото пристаниште и Конгресниот дворец каде што се одржува фестивалот.

Сен Тропе – монденски центар
На најјужниот дел на Азурниот Брег е Сен Тропе, мало живописно туристичко место, некогаш рибарско село, а денес моден центар со најголема посета на странски туристи. Можеби заслужна за тоа е француската филмска ѕвезда Брижит Бардо, која прва од познатите личности го откри Сен Тропе. Инаку, градот го добил името по истоимениот залив каде што е сместен. Ќе ве одушеви интересниот колорит со специфични градби, каде што и покрај мешаницата се чувствува мирот на ова место, кое опстојало низ вековите. За неговата историја пишувал и Ги де Мопасан. Тесните улички со многубројни продавници пленат, како и пристаништето, каде што се одвива целиот градски живот. Неизбежно е да се фотографирате пред паметникот на популарниот морепловец Пјер Андре Софрен. Една од најубавите улици за прошетка е Милосрдие, бидејќи е најколоритна и по неа се доаѓа до цитаделата, од каде што се открива исклучителна панорама на заливот.