СЗО препорачува вежбање 150 минути неделно

65

Сите возрасни лица би требало да прават физички вежби 150 минути неделно. Луѓето мора да го надоместат со физичка активност она што организмот го губи со прекумерното седење. Тоа е многу важно за зајакнување на имунитетот и за доброто ментално здравје во ерата на коронавирусот… Ова е препораката на Светската здравствена организација. Се препорачува децата и адолесцентите просечно да имаат по еден час секојдневна телесна активност, како и да го ограничат времето што го минуваат пред електронските екрани.
– Луѓето од сите возрасни групи мора да го надоместат со физичка активност времето што го минуваат во седење, за да го намалат ризикот од болести и да си го продолжат животот. Токму затоа ние ја почнавме кампањата „Секое движење се брои“ – велат од СЗО.

Според Роџер Креч од СЗО, зголемената телесна активност не само што помага во превенцијата и справувањето со болестите на срцето, дијабетесот тип 2 и канцерот туку ги намалува и симптомите на депресија и анксиозност, намалувањето на когнитивните способности, вклучувајќи ја и Алцхајмеровата болест, а истовремено го подобрува и паметењето. Секоја четврта возрасна личност и четири до петмина адолесценти немаат доволно телесни активности, а тука спаѓаат: прошетки, велосипедизам, градинарство и чистење, предупредуваат од СЗО. На трудниците и на мајките по породувањето им се препорачуваат од 150 до 300 минути умерена аеробна активност неделно.

Според мислењето на Јуана Вилмусен, техничка службеничка во СЗО, тоа го подобрува здравјето и на мајката и на бебето. На пример, кај жените што се физички активни во текот на бременоста се намалува ризикот од гестациски дијабетес за 30 отсто. На лицата над 65 години им се советуваат вежби за јакнење на мускулите и активности насочени кон рамнотежа и координација, за да се спречат евентуалните паѓања.