Се склопува мозаикот за патувања до Месечината во 2024-та

319

Американската вселенска агенција побара од три приватни компании да започнат со изработка на своите лунарни летала, од кои она што ќе биде избрано за најдобро, ќе биде првото што ќе ги одведе луѓето на Месечината. НАСА ги избра компаниите за секоја од нив да изработи свое летало, како дел од планот за испраќање на астронаутите на Месечината во 2024 година, што ќе се користи и како основа за продолжување на патувањето на Марс, пишува „Индипендент“.
Најуспешните од трите визуелни летала ќе бидат избрани за мисијата на НАСА, објави директорот на НАСА, Џим Брајденстајн.

Компаниите што се избрани се: калифорниската „Спејс екс“, предводена од Елон Маск, компанијата „Блу ориџин“ со седиште во Вашингтон, која е основана од извршниот директор на „Амазон“ Џеф Безос, и „Дајнетикс“ со седиште во Алабама. Севкупно, договорите за почетниот 10-месечен период на правење на леталата изнесуваат вкупно 967 милиони долари.
– Ова е последното парче што ни е потребно за да патуваме кон Месечината – рече Брајденстајн.
Во текот на следните десет месеци, секоја компанија ќе го усовршува својот концепт за вселенско летало, а НАСА ќе одлучи кој прототип ќе биде тестиран прв. Она што е познато досега е дека компанијата „Спејс екс“ го предложила леталото „Старшип“, кое е толку високо што астронаутите би морале да користат лифт за да дојдат до површината на Месечината.

Леталото на компанијата „Блу ориџин“ доаѓа со големи скалила преку кои астронаутите би се спуштиле до лунарната површина. Додека леталото на „Дајнетикс“ е толку ниско што е потребно да се направат само неколку чекори за да се стигне до површината на Месечината, а за кое НАСА дала високи оцени за безбедност и за ефикасност.
НАСА планира новата програма за слетување на месечината да биде одржлива, за разлика од програмата „Аполо“, со повеќе мисии и повеќе локации за посета.