Се сеќавате ли на времето пред интернет?

96

Додека не постоеше интернет, ќе си седневте во омилената фотелја со отворена книга во скутот, зјапајќи во вселената или во декоративното шаренило на ѕидните тапети, чувствувајќи се релаксирано. Додека не постоеше интернет, ќе ви дојдеше од никаде идејата дека сакате да цртате. Додека не постоеше интернет, постоеја мрзливи летни попладниња во кои се префрлавте од еден на друг кауч, за потоа одеднаш да решите да изработите лажна лична легитимација со лого и потпис, потоа ќе ја пластифициравте со најобичен селотејп и со таинствена насмевка ќе ја сместевте оваа креација во вашиот паричник. Колку инспиративни времиња!

– Понекогаш ќе отидевте во некаков уметнички центар, облечени во најобичен комотен работнички комбинезон, загледувајќи се во убав, скапоцен камен и велејќи дека тоа е мачкино око. Вашиот пријател ќе речеше: „Не е, тоа е опал“. Вие ќе стоевте на своето. Не постоеше начин да се провери кој е во право, зашто немаше „гуглање“. „Има ли некој случајно брошура за изложбава?“, ќе прашавте гласно, гледајќи наоколу. Тоа беше единствениот начин да се дознае точниот вид на уметничкиот експонат – пишува колумнистка Ема Ретбоун за „Њујоркер“.

Додека немаше интернет, според неа, можевте да се преселите во друга држава и никој во новото училиште немаше да знае ништо за вас. Го немаше вашиот живот на мрежата, можевте да бидете кој било.

– Додека не постоеше интернет, можевте да си седите на некоја од клупите во паркот во Чикаго, читајќи добра книга од мајсторот за трилери Дин Кунц. Ваквата активност беше нешто најнормално и никој немаше да дознае дека сте го правеле тоа, освен ако самите вие не раскажевте некому. Додека не постоеше интернет, ако имавте потреба да дознаете некои факти, можевте да се консултирате со некоја постара личност, како на пример дедото што живее во сутеренот на вашата зграда. И на крајот ќе завршевте гледајќи го со него стариот воен филм „Мостот на реката Квај“, зашто немавте срце да го одбиете кога ве поканил со толку кревок и молежлив глас… Такви беа нештата додека не постоеше интернет, си се забавувавте на свој сопствен, оригинален начин – заклучува авторката. В.Б.Н.