Се распадна и последниот глечер на канадскиот Арктик

164

Последниот недопрен глечер на канадскиот Арктик се распадна, бидејќи само два дена на крајот на јули изгуби повеќе од 40 проценти од неговата површина, објавија научниците.
Станува збор за глечерот Милне, кој се наоѓа на работ на островот Елсмер, во ретко населениот регион Нунавут во северна Канада, пренесе „Ројтерс“.
Површината на глечерот е намалена за околу 80 квадратни километри. За споредба, површината на Менхетн во Њујорк изнесува 60 километри квадратни.

– Тоа е површината колку цели градови. Тоа се огромни парчиња мраз – изјави Лук Копленд, глациолог од Универзитетот во Отава.
Копленд вели дека тоа била последната недопрена ледена плоча.
Тој напомена дека оваа година летото во канадскиот Арктик е потопло од порано, дури и за пет степени од 30-годишниот просек.

Исто така, се посочува дека на падот на глечерот влијаеле и натпросечните температури, како и силните ветрови и отвореното море. Арктикот, инаку, во последните три децении се загрева двојно повеќе од глобалниот просек, поради процес познат како „арктичка амплификација “.