Се комплицира остварувањето на американскиот сон на Хари и Меган

1078

Хари и Меган во март, не добија топол пречек од САД кога американскиот претседател Доналд Трамп најави дека американската влада нема да ги финансира нивните безбедносни аранжмани. Сега, пак, се чини дека нивните планови за постојан живот во САД би можеле да бидат ставени во мирување, пренесува „Експрес“.

Според кралски извори, принцот Хари нема да аплицира за зелен картон или американско државјанство во блиска иднина. И покрај фактот дека неговиот статус како сопруг на Меган Маркл која е државјанка на САД, ќе му помогне да добие постојан престој, плановите на Хари и на Меган за постојан престој во Америка би можеле да бидат ставени во мирување поради пандемијата.

Хари и Меган моментно живеат во Лос Анџелес, во Калифорнија, која е една од најпогодените американски сојузни држави од вирусот.

Доаѓањето на парот од Канада отвори нови прашања во врска со статусот на на Хари, не само поради студениот пречек од претседателот Доналд Трамп.

– Беше објавено дека Хари и Меган, кои го напуштија кралството, ќе престојуваат постојано во Канада. Тие ја напуштија Канада за САД, а САД нема да плаќаат за нивната безбедност. Тие сами мора да платат. Сега, американското државјанство на принцот Хари е неизвесно – се наведува во текстот на „Експрес“.

Војводата не поднел апликација за двојно државјанство и јас мислам дека тој воопшто нема да аплицира за зелена карта, истакнал изворот на британскиот весник.

Со самото пријавување за американско државјанство од Хари ќе се бара да се откаже од својата титула и исто така ќе биде подложен на американско оданочување на неговата заработка во целиот свет.

Покрај тоа, сè уште не е познато дали Хари влегол во Америка во рамките на 90-дневната програма за која не е потребна виза достапна за повеќето Британци или пак има дипломатска или друга специјална виза. Туристичките визи им забрануваат на посетителите да работат.

Претходно, богатството на Хари било проценето на 30 милиони фунти, иако е веројатно дека секоја негова инвестиција ќе биде погодена од светската економска криза.

Како и да е, неговото богатство може да го квалификува за визи што им се достапни на претприемачите кои сакаат да инвестираат во Америка, а друга опција е визата О-1 за „лица со посебна способност или достигнување“.

Се претпоставува дека Меган и Хари одбрале да се преселат во Лос Анџелес од безбедносни причини, и покрај опасноста од пандемијата на коронавирусот и најавата дека САД планираат да ја затворат својата граница за сите патувања освен за непходните.

Нивната загриженост за ковид-19 се зголеми кога дознаа дека нивната пријателка Софи Трудо, сопругата на канадскиот премиер Џастин Трудо, се заразила на почетокот на март, по што брзо се опорави.