Селма од песната на „Бијело дугме“ го прослави 90-от роденден

3484

Селма Бориќ, за која е напишана песната „Селма“ на групата „Бијело дугме“ вчера го прослави 90-от роденден и наздрави со Жељко Бебек, пејачот на легендарниот бенд, чиј глас ја оживеа нејзината љубовна приказна од младоста.

Со порака на социјалните мрежи Бебек вчера и го честиташе роденденот на госпоѓа Селма, со зборовите „Мојата драга Селма го слави 90-от роденден…Среќен роденден од срце“ и објави заедничка фотографија со славеничката, што ја посети во нејзиниот дом во Загреб, каде што таа сега живее и каде наздравија со шампанско.

Автор на стиховите на познатата балада на „Бијело дугме“ е поетот и хуморист Владо Дијак, кој ги напишал уште во 1949 година, бидејќи бил вљубен во Селма, но тоа никогаш јавно не го признал.

Како што раскажала Селма во една емисија, таа со Владо се запознала во 1945 година, кога таа имала само 16 години. Таа е родум од Зеница, а на школо одела во Сараево. Често за време на викендите патувала дома со воз, па еднаш Владо ја сретнал и се понудил да и го понесе малиот темноцрвен куфер до железничката станица. Ја испратил до купето, а прозорецот до кој седнала бил скршен. Тој и довикнал „Селма не наведнувај се преку прозорецот“.

По оваа средба Владо Дијак напишал песна, а Селма не ни знаела каков впечаток оставила на него. Дури во 1962 година татко и ѝ го испратил весникот во кој биле објавени стиховите. Првпат „Селма“ ја слушнала песната во изведба на групата „Бијело дугме“ во далечната 1975 година на концерт во салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб.

Жељко Бебек барем еднаш годишно ја посетува Селма Бориќ, а тоа го направи и вчера на нејзиниот јубилеен роденден, а потоа заедничката фотографија од емотивната средба ја објави на социјалните мрежи. Сликата предизвика силни емоции кај неговите и секако, кај почитувачите на „Бијело дугме“ од целиот регион.

М.Т.