Секогаш за се имам став и знам да го бранам!

97

Елизабета Бродиќ – Лола од ТВ-серијата „Другото име на љубовта“

Младата хрватска глумица Елизабета Бродиќ во моментот ја гледаме во телевизиската серија „Другото име на љубовта“ што се прикажува на ТВ Сител. Гледачите во регионот првпат на малите екрани ја запознаа со улогата на Бесијана, ќерка на озлогласен мафијаш во серијата „Беса“.
– Лола е паметна, амбициозна и енергична, но и чувствителна уметничка душа. Таа знае што сака и како да дојде до тоа, но притоа се вплеткува во многубројни проблеми. Таа е девојка со став, каква што сум и јас – открива Елизабета како го доживува ликот што го игра во хрватската мегасерија од 160 епизоди, нејзино прво поголемо актерско искуство.
Снимањето на серијата „Другото име на љубовта“ траело од утро до вечер, но младата ѕвезда признава дека брзо се вклопила во актерската екипа, а меѓу глумците ја познавала само Барбара Роко.

– Многу сум одговорна и брзо учам, па добро се справувам со жестокото темпо на работа, на кое веќе навикнав. Најмногу ми помагаат Момчило Оташевиќ и Славко Собин, кои се извонредни момци. Интересно е дека на кастингот ме повикаа заради помала улога, на разгалената Маја, но кога продуцентите ме видоа, ми ја понудија улогата на Лола, еден од главните ликови во серијата. За мене тоа беше големо изненадување, но не се двоумев и го прифатив предизвикот – вели Елизабета.
Правејќи паралела меѓу Лола и Елизабета, таа вели дека Лола имала тешко и сиромашно детство, додека во реалниот живот таа израснала на загрепски Тушканац, како среќно дете опкружено со љубовта на мајка ѝ Станка Сунчана, магистерка по математика и информатика, и на таткото Давор, правник. Таа заедно со помладата сестра Маргарета, често патувала со родителите по Европа, посетувајќи музеи и уживајќи во добри ресторани. Имала само три години кога ја запишале на часови по танцување, а потоа и на глума во Загрепскиот младински театар. Шест години тренирала синхронизирано пливање. Вели дека од мајка ѝ ја наследила љубовта кон театарот и литературата, а од татко ѝ кон филмот и музиката.

– Иако никој од моите не се занимавал со уметност, сите ја сакаат и ја ценат. Затоа моите родители, кога во трета година средно им реков оти сакам да станам глумица, немаа ништо против оваа моја одлука. Инаку израснав во мошне либерално семејство, во кое ме учеа дека секогаш за сѐ морам да имам став, но и аргументи, за да го објаснам. Како средношколка одев во дебатен клуб, пишував приказни и есеи, а тема често ми беше поделеноста на општеството на сите нивоа. И денес верувам дека не е важно кој си и од каде доаѓаш, туку каков човек си. Од темите што ме интересираа често во своите песни пееше групата „Хладно пиво“, мојот омилен бенд, на чии концерти одев заедно со целото семејство. Татко ми бил рокер во младоста и имал свој бенд, а вујко ми Стјепан Јерковиќ бил тапанар во групата „Кавасаки 3п“, што доволно
зборува во каква атмосфера растев – се сеќава Елизабета.
Таа во 2018 година дипломирала на Академијата за драмска уметност во Загреб.
Првата шанса уште на трета година студии ѝ ја дал Марко Рагуж во претставата „Диско свињи“ на театарот „Егзит“, а потоа во ХНК Вараждин играла во комедиите „Терминус“ и „Лудакот и калуѓерката“, за која ја добила наградата „златно студио“ за најдобро ново лице во театарот. Во 2018 г. заблескала како Марта во филмот на Едуард Галиќ – „За оние добри стари времиња“.