Сврти на 13-112 ако заглавиш на планина

128
Фото: Дарко Андоновски

За да им се помогне на сите љубители на планината, да им се олесни пристапот, како и за да им се помогне во критични моменти, Планинската спасителна служба во Охрид прва во земјава воведе СОС-број, кој ќе биде во полза на планинарите, алпинистите, велосипедистите, параглајдеристите и сите засегнати лица што се во планинските предели

Магла, опасност од губење, стемнување, обилни врнежи од дожд, снежно невреме, отежнато движење низ длабока снежна покривка, силен ветер, опасности од лавина, заледени предели, паѓање во бездни, одрони на карпи, ниски температури или премногу високи температури, смрзнување или сончаница, дезориентација, опасност од животни, повреди при движење, скршеници… Листата од ризици и опасности што демнат на планина е долга. Неедуцираноста за движење во планина е најголема опасност за сите љубители на планината. Многу лица се впуштаат во ризични авантури поради кои настануваат несакани несреќи. А некогаш и самата планина знае да биде сурова, без разлика колку и да сме подготвени, опремени и искусни.

За да им се помогне на сите љубители на планината, да им се олесни пристапот, како и за да им се помогне во критични моменти, Планинската спасителна служба во Охрид прва во земјава воведе СОС-број, кој ќе биде во полза на планинарите, алпинистите, велосипедистите, параглајдеристите и сите засегнати лица што се во планинските предели. Со вртење на телефонскиот СОС-број 13-112, граѓаните од сите национални мрежи ќе можат директно да се обратат до Планинската спасителна служба и да го пријават својот проблем.

Службата дејствуваа на територијата на Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани и Ресен. Отворањето на скратениот број е една од мерките за зголемување на ефикасноста, кои во следниот период ќе бидат имплементирани во рамките на проектот „Регионот Охридско Езеро – безбедна дестинација за авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија, преку ИПА-програмата за прекугранична соработка и Министерството за локална самоуправа.

Со отворањето на оваа линија, првпат во еден регион од државата се воведува ваква практика за директен контакт со Планинската спасителна служба при несреќи на планина.

– Ние сме единствен регион што на ваков начин го решава ова прашање. Го избравме бројот 13-112, кодна шема што во моментов е достапна во Македонија за скратени броеви. Овој број е сличен со другите бореви што се користат низ Европа за оваа намена, односно 112. Сите што се движат низ планина кога ќе имаат проблеми можат да ни се јават на овој број – изјави Антонио Додевски од Спасувачката служба на планини при Црвениот крст и координатор на проектот.

Исто така, Охрид ќе добие и центар за спасување на планина, опремен со
најсовремена опрема.

– Во рамките на овој проект претходно беше набавена целокупната опрема за спасување, возила за опремување на службата за спасување во Oхрид, и нормално продолжуваме со активностите меѓу кои беше и оваа линија со скратен СОС-број. Во фаза сме на градба на посебен центар за спасување на планина, во кој ќе бидат сместени возилата, опремата, како и на оперативен и тренинг-центар од каде што ќе бидат менаџирани и контролирани сите операции на терен. Планираме да направиме и апликација за мобилни телефони од каде што брзо ќе може да се повика помош, која ќе ја олесни конекцијата со засегнатите лица. Ова е со намера да се скрати времето за воспоставување повик, лоцирање на лицето, излегување на терен и, секако, за дејствување – вели Антонио Додевски.

Засега во службата се ангажирани 15 спасувачи, кои се искусни алпинисти, а дополнително се работи на обучување на околу 50 лица по ИКАР-стандардите, односно стандардите на Меѓународната унија за планинско спасување (ИКАР ЦИСА).

– Досегашното наше искуство во Планинската спасителска служба ни укажува дека најчести несреќи се залутување, губење, затоа што околните планини во нашиот регион се карактеризираат со специфичен релјеф, кој ја отежнува навигацијата особено во лоши временски услови, како што се магла, снег, врнежи на дожд, мрак. Секако, имало и несреќи од типот на скршеници и повреди при параглајдерски, велосипедски, планинарски акции – додава Додевски.

Според него, ова е неопходен дел од секоја служба за спасување на планина, кој сите региони треба да го имплементираат.

– Ова е една нужност што во развиените држави се решава како системско прашање, пред сѐ, заради безбедноста на сопствените граѓани, па и за туристите. Од тие причини ние некако успеавме да го добиеме овој грант од ЕУ, а и самото име на проектот укажува дека странците инвестираат во напреден и безбеден развој на туризам – вели Антонио.

Градба на центарот се очекува да заврши до мај. Тој е лоциран до автобуската станица во Охрид, на фреквентна локација, од каде што наједноставно екипите можат да дејствуваат на сите 5 региони.

– Постоиме од 2001 година. Дејствуваме како единица за спасување на планина и непристапни терени. Досега функциониравме со голем волонтерски ентузијазам на членовите.

За среќа, со нашата упорност, трпеливост, голема желба, успеавме да ги реализираме соништата и да стигнеме дотука. Сега се движиме во нагорна линија и имаме планови да не застануваме тука. Во иднина планираме да организираме работни средби со сите надлежни служби, локалните самоуправи, итната медицинска помош, Дирекција за заштита и спасување за презентирање на студијата, која е во завршна фаза, затоа што сметаме дека сите треба да комуницираме заедно, за побрзо да се координираме и да дејствуваме на терен. А потоа и работилници со туристичкиот сектор, кои при промоција на регионот треба да го искористат овој момент како предност, затоа што на туристите безбедноста им е на прво место – категоричен е Додевски.