Својата големина Лондон ја носи дискретно и ненаметливо

537
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Лондон, град со историја подолга од два милениума, и денес е една од првите пет светски метрополи. Никогаш не претендирал на фаталистички описи од видот „види го Лондон и умри“, но оние што го виделе, главно, добиваат нова инспирација за живеење. И покрај предзнаењата за големината, значењето, па и самобендисаноста на лондончани, првиот контакт со нив ги демантира таквите предрасуди.

Можеби Лондон е важен „глобален град“ и едно од најголемите светски финансиски средишта, со најголем БДП во Европа, со актуелна решеност да се „дистанцира“ од континентот, но доминантниот впечаток при првата средба со овој мегалополис го создаваат типичните фасади на градбите со црвена и жолта фасадна тула, без некоја претенциозна грандиозност. Дури и Бакингемската палата, домот и седиштето на кралското семејство, изгледа скромно и едноставно во однос на некои други европски дворци со слична намена. Делот од градот со модерни градби е концентриран во деловниот кварт Сити, во близината на средновековната тврдина лондонски Тауер. Во таа архитектонска разновидност, мошне симпатично егзистираат и мали старински дуќанчиња од видот на кројач (со старинска машина за шиење „сингер“ и поправка на чевли) или заеднички дуќан на клучар и оптичар и, секако, познатите лондонски пабови, сместени во таков старински дуќанџиски амбиент.

Лондон својата големина ја носи дискретно, ненаметливо, некако обично и секојдневно. Во таа обична необичност на Лондон може да се најдат дури четири локации под заштита на УНЕСКО: лондонскиот Тауер, историската населба во Гринвич, Ботаничката градина во Кев и подрачјето од градот со Вестминстерската палата, Вестминстерската опатија и црквата „Света Маргарета“. Дури и најпознатиот симбол на градот, градскиот часовник наречен Биг Бен, кој е дел од Вестминстерската палата, последниве години можете да го одминете сосема незабележан, делумно затоа што се реставрира и е покриен со заштитни платна, а во голема мера и воопшто не е толку грандиозен како што изгледа на фотографиите.

Втората предрасуда што се разбива штом ќе стапнете во Лондон е убеденоста за арогантноста на Англичаните. Навистина влегувањето во Велика Британија за Македонците со македонски пасош претставува сложена, долга и скапа процедура со неизвесен исход (околу 180 евра), но штом ќе слетате на британско тло веќе сѐ е поинаку. Љубезноста и пресретливоста на сите на кои ќе им се обратите со прашање го разбива митот за британскиот егоцентризам.

За жал, предзнаењето за скапотијата во Лондон воопшто не е мит, иако британската фунта е падната во однос на еврото. И покрај тригодишната општествена тензија со брегзитот, во Лондон сѐ уште поминува еврото, барем кај уличните продавачи на сувенири и забавувачи, како еден факир на пазарот Ковент гарден. Секаде на друго место може да се користат платежни картички дури и за најмали суми. А најмалата цена за кафе за носење е 1,85 фунта. Обична порција од традиционалниот англиски оброк „фиш енд чипс“ во лондонските пабови не може да се добие за помалку од 20 фунти. Велат дека гастрономската понуда во Лондон во последнава деценија е сѐ поразновидна, побогата и поквалитетна, што го објаснуваат со мултикултурноста на градот и фактот дека секој имигрант својата култура најчесто ја манифестира преку националната кујна. Во однос на културната понуда, најевтиниот билет за попладневна претстава во театар чини 25 фунти, а за вечерните претстави, во зависност од местото, билетот стигнува и до стотина фунти.

Од туристички аспект, Лондон е град со бескрајни можности за истражување: Бакингемската палата, Трафалгар сквер, Британскиот музеј, Ковент гарден, Лондон Тауер или шопинг на Бонд стрит, Оксфорд стрит, одмор во некој паб со темно англиско пиво, кафе, англиски чај. Во романот „Сликата на Доријан Греј“, Оскар Вајлд го опишува Лондон (во 19 век) како сив, со милионско население, со валкани грешници и со блескави гревови. Во 21 век, Лондон не е сив, смогот е решен со „законот за чист воздух“, односно исфрлањето на јагленот како средство за греење. Милионското население е уште помилионско и поразновидно, а „грешниците“ барем видливо не се валкани, дури и старите „гревови“ се ставени во ред. Но опасноста од нови искушенија секогаш е присутна. Актуелното искушение е брегзит. И покрај референдумот за излез од ЕУ, како и потврда на таквата одлука на неодамнешните избори со изборот на премиерот Борис Џонсон, брегзитот и понатаму предизвикува недоумици и поделеност кај лондончани и воопшто кај Британците.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Фото: Маја Јаневска-Илиева